Десет милиони денари или околу 160 илјади евра ќе одвои владата годинава за поддршка на печатените медиуми, односно за покривање на трошоците за печатење и за дистрибуција. Ова е најниската предвидена сума досега, откако пред шест години се воведе оваа субвенција. Новина е и што годинава дневните весници што се дистрибуираат на национално ниво, немаат право да се пријават, туку парите се наменети само за локалните весници (до два милиони денари) и за неделници (преостанатата сума).
Овие субвенции редовно се доделуваат пред крајот на годината за трошоците за хартија, печатење и за дистрибуција што весниците ги направиле претходната календарска година. Така, годинава ќе се покријат расходите на печатените медиуми за 2023година.
Огласот е распишан на 12 декември, а рокот за пријавување е до 19 декември. Од владата информираа дека потоа комисијата ќе се состане за да ги разгледа барањата и до Нова година ќе објави кои весници добиле пари и колкави суми. Тие ќе треба да достават фактури за направените трошоци, за да може да им се исплатат парите.
За изоставувањето на националните весници, кои во изминативе години беа најголеми корисници на оваа помош и ги добиваа најголемите суми, од владата објаснуваат дека таа одлука ја донеле бидејќи за годинава буџетот е намален, како и поради тоа што овие медиуми добиваат државни пари преку обезбедување комерцијални услуги за институциите, односно преку објавување огласи за набавки, вработувања и друго.
Ова наиде на негодување кај Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми и кај нејзиниот прв човек Лирим Дулови, сопственик на дневниот весник „Коха“. Тој вели дека владата покажала неконзистентност во своите политики со постепеното намалување на сумата за субвенции низ годините, од првичните 50 на сегашните 10 милиони денари.
„Интересно е што ова го прави истата владејачка гарнитура што ја донесе одлуката за субвенции, истите партии, само со различни луѓе. Одлуката за субвенции беше широко прифатена и од еснафот и од политиката, а сега постепено и тивко се укинува. Владата ги игнорира нашите повици да разговараме со аргументи на оваа тема“, вели Дулови.
Тој додава дека ова се прави во моменти кога има предлог-закон да им се дадат државни пари на телевизиите и кога се заговара да се најде модел и за интернет-порталите.
„Зар тие се во полоша финансиска состојба од нас, што нѐ исклучуваат“, рече Дулови.
Субвенциите за печатени медиуми беа воведени во 2018 година, во договор меѓу Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми и владата, а со поддршка на новинарските здруженија. Оттогаш до лани се исплатени 2,7 милиони евра, од кои околу 2,1 милиони завршија кај четирите национални дневни весници – „Слободен печат“, „Вечер“, „Нова Македонија“ и „Коха“.
Откако се спроведува програмата за субвенционирање на овие медиуми, имаше забелешки околу транспарентноста како се трошат парите. Антикорупциската комисија, по третата година побара да се воведе обврска компаниите да доставуваат извештаи до владата. И еснафските здруженија, кои првично ја поддржаа програмата, подоцна порачаа дека треба да се воведат критериуми за мерливост на резултатите.
Минатата година имаше иницијатива програмата да прерасне во закон, со кој би се гарантирала помошта што ја добиваат печатените медиуми, но тоа досега не се случи.