– Откако израелската Армија ги интензивираше нападите на северот на Појасот Газа, кои резултираа со смрт на илјадници цивили, уништување на цивилната инфраструктура, болници и училишта на Обединетите нации (ОН), каде што луѓето побараа засолниште, началникот на израелскиот Генералштаб, Херзи Халеви, денес навести дека копнените операции би можеле да се прошират и во јужните области на блокираната палестинска енклава.
„Блиску сме до демонтирање на воениот систем (на палестинската група Хамас заб.ав.) во северниот дел на Појасот Газа“, рече Халеви обраќајќи им се до израелските војници во Газа.
Тој додаде дека израелската Армија ќе ја продолжи операцијата во Газа и во „сѐ повеќе региони“.
Досега израелската воена копнена операција беше фокусирана на градот Газа и северниот дел на Појасот Газа.
Но, неколку израелски официјални претставници навестија и за можноста за проширување на израелската копнена операција на југот од Појасот Газа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври. Оттогаш, најмалку 11.500 Палестинци загинаа, вклучувајќи околу 7.900 жени и деца, додека над 29.800 се повредени.
Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, беа оштетени или уништени во израелската офанзива.
Бројот на загинати Израелци изнесува околу 1.200.