Богата земја на сè посиромашни луѓе – вака Германија, најбогатата земја во Европската унија, сè почесто ја опишуваат нејзините жители. Повеќе од 607.000 луѓе се трајно бездомници. Од нив, 50.000 живеат на улица. Народните кујни се под зголемен притисок. Има се повеќе корисници, а се помалку донации.
Германија веќе подолго време чекори на работ на рецесија. Нема ни буџет за следната година. Спорни се 60-те милијарди евра што коалициската Влада на Олаф Шолц ги префрли од фондот за закрепнување на последиците од пандемијата во фондот за еколошка трансформација на економијата. Уставниот суд го прогласи овој потег за неуставен. Поради дупката во буџетот, сите министерства мора да направат дополнителна заштеда.
Германските земјоделци се на удар. Им се намалуваат субвенциите. Тврдат дека Владата ги турка во банкрот.
„Направив груба пресметка – без субвенции значи 20 илјади евра повеќе трошоци, што е неприфатливо“, рекол Џул Бонселс, земјоделец, за германските медиуми.
„Поголемиот дел од визбите се во семејна сопственост и доколку се спроведат плановите, можеме да ги затвориме“, рекол Ервин Декер, винар.
„Ние, но и сите потрошувачи ќе ги почувствуваме последиците, цените на храната ќе пораснат“, рекол Бени Хехт, фармер и сопственик на свињи.
Зголемените животни трошоци, недостигот на станови и зголемените цени на становите ги погодуваат повеќето германски семејства. И покрај богатството на Германија, сиромаштијата е видлива насекаде, народните кујни се полни.
„Пред два месеци дознав дека имам рак и не можам да продолжам да работам. Доаѓам на ручек речиси секој ден“, изјавила Антје Фуерсенау, негувателка и мајка на четири деца.
Пред околу 30 години, малку повеќе од милион деца живееле во сиромаштија во Германија. И покрај падот на наталитетот, тој број е тројно зголемен. Помалку пари се издвојуваат и за образование. Затоа, не е чудно што познавањето на германскиот јазик станува се послабо.
„Како дел од меѓународната програма ПИСА, тестовите покажаа дека 25 проценти од учениците од четврто одделение не знаат правилно да читаат. Ова е алармантно, но е поврзано со пари“, рекол Берн Сигелков од хуманитарно здружение „Arche“.
Расте бројот на бездомници. И не, не се само мигрантите. Речиси 60 отсто се Германци.
Доброволните здруженија помагаат, но не за секого.
„Побарувачката ја надминува понудата. Ова го гледаме секој ден, тоа е она што се смени и е сè позабележливо во последните години“, рекол Матијас Фоерстер, волонтер од здружението „Cold Bus“.
Се организираат бесплатни божиќни вечери, се нуди бесплатно шишање и бричење на сиромашните.
Банката за храна Die Tafel подготви повеќе од 10.000 пакети со најпотребните потреби. Владата, велат, би можела повеќе бидејќи потребите постојано растат.
„Едноставно забележуваме дека нема разлика во пристапот на социјалната политика меѓу поранешната и сегашната Влада, барем не кога се работи за луѓето погодени од сиромаштија. Се обидуваат, но сето тоа е многу слабо“, рекол Сабине Верт од Die Tafel.
Сиромашните во Германија се почесто смрзнуваат бидејќи не можат да платат парно, а се изложени и на социјална исклученост.