Најбогатиот човек во Европа: Предложениот данок за богатите би ја уништил француската економија

Шефот на глобалниот луксузен конгломерат „LVMH“ изјави за „Sunday Times“ дека повиците за данок од 2% на целото богатство „имаат за цел да ја уништат либералната економија, единствената што работи за доброто на сите“.

Данокот би го чинел повеќе од милијарда евра. Идејата за данок на богатство постепено добива на популарност во Франција во услови на политичка криза.

Идејата за данок од 2% на богатство вредно повеќе од 100 милиони евра ја предложи професорот по економија Габриел Зукман.

Економистот вели дека данокот, кој некои го нарекуваат данок Зукман, би можел да ѝ помогне на Франција со нејзиниот буџет.

Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи новиот премиер, Себастијан Лекорну, овој месец откако центристот Франсоа Бајру не успеа да добие поддршка за неговиот буџет за штедење.

Милијардерот Арно кој уште во 2012 година има поднесено барање за добивање на белгиско државјанство предупредува дека данок од 2% би бил „смртоносен удар за француската економија“.

Тој забележува дека е „сигурно најголемиот поединечен даночен обврзник“ во Франција.

Арно, кој живее во Париз, предизвика национална дебата за даноците во 2012 година кога аплицираше за белгиско државјанство. Сепак, во април 2013 година, тој ја повлече својата апликација како „гест на посветеност на Франција и верба во нејзината иднина“.

Зукман е професор по економија на Париската школа за економија и минатата година напиша истакната студија за данокот на богатство за Г20.

Во јуни, Зукман напиша во Гардијан: „Невидената концентрација на богатство и неограничената моќ што доаѓа со таквото богатство ја нарушија нашата демократија и ги поттикнаа социјалните и економските тензии“. Данокот на богатство би можел да собере дури 20 милијарди евра, според Зукман

. Сепак, други економисти тврдат дека би собрал само 5 милијарди евра ако ултрабогатите ја напуштат Франција. „Ова очигледно не е техничка или економска дебата, туку јасно изразена желба за уништување на француската економија.

Не можам да верувам дека француските политички сили што ја владеат или ја владееле земјата во минатото можат да му дадат кредибилитет на овој напад, кој е смртоносен за нашата економија“, рече Арно.