Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер,г денеска во Брисел соопшти дека Финска формално ќе се приклучи на Алијансата за неколку дена.
Во видеото објавено на каналот на НАТО на Јутјуб, Столтенберг порача дека приклучувањето на Финска ќе ја направи таа земја побезбедна, а НАТО посилен.
„Финска има многу способни сили и силни демократски институции, така што ќе донесе многу за нашата Алијанса“, посочи тој.
Столтенберг додаде дека ова е најбрзиот процес на ратификација во модерната историја на НАТО и дека сите 30 членки сега го ратификувале пристапниот протокол.
„Само што разговарав со претседателот Саули Нииниште за да му честитам на овој историски настан“, вели тој во видео обраќањето.
Турскиот парламент синоќа гласаше за прием на Финска во НАТО, по десет месеци неизвесност. Турција е последната членка на НАТО која даде „зелено светло“ за членството на Финска.
Сепак, Анкара сè уште ја блокира понудата на Шведска, која беше поднесена минатата година во исто време со Финска.