Карло Анчелоти ја завршува последната година од договорот со Реал Мадрид, а се по извесно е дека нема да биде продолжен и дека на лето ќе ја преземе бразилската репрезентација, па врвниот клуб од „Сантиаго Бернабеу“ веќе ја одреди посакуваната цел.
Според информациите што ги пренесоа шпанските медиуми во последните денови, желба на претседателот Флорентино Перез е Чаби Алонсо, поранешен играч од средниот ред на Реал Мадрид, кој подоцна настапуваше за Ливерпул, а моментално одлично си ја врши работата како тренер на Баер Леверкузен.
„Тој беше мој играч, има големо знаење, како и способност за работата. Сакам тој, Раул или Арбелоа да станат тренери на Реал Мадрид затоа што многу ги сакам и се надевам дека еден ден навистина ќе бидат“, изјави Карло Анчелоти пред неколку дена.
Чаби Алонсо во петокот требаше да одговори и на прашањето за неговата идна работа во Реал Мадрид, кој одржа редовна прес-конференција пред гостувањето на Баер Леверкузен во Мајнц.
„Тренер на Реал Мадрид ? Септември, рано е. Останувам фокусиран. Добро ја започнавме сезоната, сакаме сите играчи да бидат концентрирани. И затоа морам да бидам прв кој ќе биде таков“, одговори Чаби Алонсо.
Како неговите играчи реагираат на гласините за негово можно заминување на крајот од сезоната ?
„Играчите знаат каков е фудбалот. Не е ништо ново. Не разговаравме за тоа“, вели тој.
Инаку, Чаби Алонсо неодамна во интервју за еден шпански медиум проговори за своите планови.
„Реал Мадрид ? Се во свое време. Сега сум тука и многу сум среќен, а ќе видиме што ќе се случи во иднина. Кога размислувате среднорочно или долгорочно во фудбалот, обично губите фокус на она што ви е најблиску, затоа размислувам исклучиво за тоа што ми се случува сега и овде“, објасни Чаби Алонсо.