Британски воен брод собори седум беспилотни летала лансирани од борците на Хути во Црвеното Море. Тоа беше операција за одвраќање на најголемиот напад со беспилотни летала досега, пишува Sky News.
Министерот за одбрана на Велика Британија, Грант Шапс, соопшти дека беспилотните летала биле насочени кон комерцијални бродови и HMS Diamond – крстосувач испратен од Велика Британија за да ги заштити комерцијалните бродови во регионот.
Американски борбени авиони, заедно со нивниот носач, како и неколку други американски воени бродови, исто така се наоѓаат во областа.
Вкупно, биле соборени 18 нападни беспилотни летала – дизајнирани да експлодираат при удар – испукани од јеменските Хути. Соборени се и противбродски крстосувачки и балистички ракети. Нападот започнал околу 09:15 часот по локално време, соопшти американската Армија, додавајќи дека тоа е 26-ти напад на Хутите врз трговски бродови од 19. ноември.
Грант Шапс ја опиша акцијата на Велика Британија:
„Во текот на ноќта, HMS Diamond, заедно со американските воени бродови, успешно го одби најголемиот напад досега од Хутите поддржани од Иран во Црвеното Море. Распоредувајќи проектили и топови Sea Viper, Diamond уништи повеќе беспилотни летала кои се упатија кон него и кон другите комерцијални бродови во областа. HMS Diamond и екипажот беа неповредени“, и додаде: „Велика Британија заедно со своите сојузници претходно јасно стави до знаење дека овие напади се целосно неприфатливи и доколку продолжат, Хутите ќе ги претрпат последиците. Ќе ги преземеме неопходните мерки за заштита на невините животи и глобалната економија“, порача Грант Шапс.
Хутите поддржани од Иран велат дека нивниот напад има за цел да стави крај на воздушната и копнената офанзива против Појасот Газа по нападот на Хамас на 7. октомври.