Најголем број фабрики и објекти во Тетово изгореле поради недостиг на хидранти

За само неколку месеци изгореа две фабрики во Тетовско, додека во последните две години бројот на опожарени фабрики е пет. Причина за целосното пеплосување на овие објекти е немањето хидранти за гаснење. Хидрантите се меѓу главните услови за добивање работна дозвола од Управата за заштита и спасување. Началникот на противпожарната единица во Тетово, Авни Амети, побара да се почитува Законот и да не се дава дозвола за користење на објектот без да се провери на терен дали има или нема хидранти.

„Управата за заштита и спасување има инспектори и тие треба да проверат и да дадат дозвола за работа. Континуирано апелирав оваа дирекција да внимава кога дава дозволи особено по пожарите и алармантното загадување во Полог“, рече Авни Амети- началник на ППЕ- Тетово.

Одговор побаравме и од Управата за заштита и спасување, пунктот Тетово, но не добивме одговор дали ќе излезат или не на терен да проверат дали фабриките и новите колективни објекти ги исполнуваат условите.. Портпаролката на општина Тетово, Бесарта Рамадани, за Алсат изјави дека општинското Јавно претпријатие наскоро ќе излезе на терен да ги провери хидрантите за да се избегне ширење на огнот.

„Општина Тетово ќе излезе на терен и ќе ја провери состојбата со хидрантите, кои се во функција а кои не, ќе се преземат мерки за ставање во употреба на сите хидранти во селата за да се спречат пожари што е можно поскоро кога е потребно. Во меѓувреме, секој нов пат што го гради општината има поставено и хидранти за да биде максимално полесна интервенцијата во случај на пожари“, додаде Бесарта Рамадан- портпаролка на општина Тетово.

Во Тетово, според нашите информации, во голем број колективни станбени објекти хидранти има на само на хартија.