Овој четврток, Претставничкиот дом на САД усвои пакет од 14,3 милијарди долари наменет за воена и хуманитарна помош за Израел, но демократите на Џо Бајден најавуваат дека по секоја цена ќе се обидат да ја блокираат првата формална законска иницијатива на новиот претседател Мајк Џонсон во Сенатот, поради што Капитол Хил повторно чувствува можност за нов парламентарен хаос.
Белата куќа побара од новото раководство на Конгресот итно да усвои сеопфатен меѓународен пакет помош од „тешки“ 106 милијарди долари. Со овие пари администрацијата на Џо Бајден сакаше да одговори на потребите на украинското и израелското боиште, да инвестира во поддршка на Тајван, околу кој се повеќе кружат кинески воени бродови и да ја зајакне границата на југот на САД.
Но, радикалната фракција на републиканците кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом сака по секоја цена да го намали финансирањето на војната во Украина, поради што новиот претседател Мајк Џонсон одлучи да ја оддели помошта за Израел од онаа за Украина, за што ќе се гласа подоцна.
Според анкетите, денес дури 62 отсто од приврзаниците на Републиканската партија сметаат дека Вашингтон мора да ја „затвори финансиската поддршка“ за Киев. Новиот претседател Мајк Џонсон, кој беше „назначен“ од радикалната фракција врз основа на токму овој критериум, на почетокот на својот мандат навести дека ќе работи на намалување на помошта за украинските боишта.
Демократите во Сенатот веќе објавија дека сметаат дека законот на Мајк Џонсон е „мртов“ априори и дополнително го поддржаа нивниот аргумент со предупредување дека и Џо Бајден ќе го блокира законот доколку по некое чудо го помине гласањето во Сенатот. Чак Шумер, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, овој четврток објави дека работи со Мич Мекконел на двопартиски нацрт-закон што би можел да биде поддржан од разумни и умерени „старомодни“ републикански сенатори кои се свесни за актуелната геополитичка ситуација што не може да толерира одложување. Во тој случај, процедурално гледано, законскиот предлог би се вратил во Претставничкиот дом, па двата дома на Конгресот би можеле да го „топкаат“ пакетот како топол компир со недели.