– Најмалку четири лица загинаа, а 90 се повредени во воздушните напади на руските сили во главниот украински град Киев и во Харков. Нападите беа извршени откако рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека саботниот украински напад врз Белгород нема да помине неказнето.
„Санирањето на последиците од уште еден руски напад е во тек… Киев и регионот, Харков. Засега се знае за 92 ранети. Секој добива помош. За жал, четири лица загинаа“, рече украинскиот претседател Зеленски преку Телеграм.
Посочувајќи дека се вклучени сите неопходни служби, вклучително и над 500 спасувачи од украинската Државна служба за вонредни состојби, Зеленски истакна дека од 31 декември Русија употребила околу 170 беспилотни летала и десетици ракети од различен тип, а повеќето, според него, биле насочени кон цивилни објекти.
„Им благодарам на сите партнери што помагаат во зајакнувањето на нашиот воздушен штит. И очигледно е дека тоа помага да се спасат стотици животи секој ден и секоја ноќ, кои би биле одземени од рускиот терор ако не беа ‘Патриотите’ и другите одбранбени системи“, рече понатаму Зеленски, додавајќи дека Русија „мора да ги почувствува последиците од тоа што го прави“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, преку Телеграм соопшти дека една постара жена загинала во главниот град на Украина, додека 33 лица се повредени, од кои 32 хоспитализирани.
Исто така, Руслан Кравченко, гувернер на регионот Киев, рече дека две лица загинале, а 11 се повредени, меѓу кои и едно дете.
Украинскиот приватен снабдувач со енергија ДТЕК извести дека во неколку подрачја на Киев е исклучена струјата.
Во меѓувреме, градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека едно лице загинало, а 45, меѓу кои пет деца на возраст од шест до 13 години, се повредени во градот.
Врховниот командант на украинските вооружени сили, Валери Залужни, тврди дека воздушната одбрана на земјата соборила 35 беспилотни летала и 72 различни вида ракети.
Реагирајќи на украинскиот напад врз градот Белгород во саботата, во кој загинаа најмалку 25 лица, Путин вчера изјави дека Русија нема да дозволи „злосторство од ваков вид“ да помине „неказнето“.