– Најмалку 14 Палестинци, меѓу кои и едно бебе, се убиени рано утрово во повеќе израелски напади низ јужниот дел на Појасот Газа.
Медицински извор за Анадолија изјави дека 11 лица се убиени, а повеќемина се повредени кога израелски воени авиони го бомбардирале домот на семејството Ал-Бајрам во градот Кан Јунис.
На друго место во истиот град, палестинско бебе е убиено при гранатирање на шатор од страна на израелските сили во кој се сместени раселени лица во близина на градот Асда, западно од Кан Јунис.
Во два одделни воздушни напади, убиени се уште двајца Палестинци, од кои една жена, кога израелските авиони ги таргетираа шаторите во областа Ал-Махата и гратчето Бани Сухејла, каде беа засолнети семејства раселени од претходните бомбардирања.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелски воени возила отвориле оган во близина на оската Мораг, клучна линија помеѓу Рафа и Кан Јунис на југ.
Над 52.400 Палестинци се убиени во Газа во брутална израелска офанзива од октомври 2023 година, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.