Израелските сили извршија напади врз неколку области во Појасот Газа, убивајќи најмалку 16 Палестинци и повредувајќи десетици лица утринава, пренесуваат локалните медиуми, јавува Анадолу.
Израелски беспилотни летала нападнаа повеќе од пет локации во близина на влезот во Деир ал-Балах во Централна Газа, при што се убиени 10 лица, а неколку беа повредени, според официјалната палестинска новинска агенција Вафа.
Кога луѓето потрчале да им помогнат на жртвите, израелските сили повторно ги нападнале, при што биле повредени неколкумина Палестинци.
Три лица, меѓу кои и мало девојче, биле убиени во израелскиот воздушен напад врз стан во близина на раскрсницата Абдел Ал на улицата Ал-Џала во градот Газа.
Биле убиени и брат и сестра, а нивниот татко бил критично повреден кога во израелски напад била погодена куќа во западната област на кампот Хан Јунис, Јужна Газа.
Во источен Хан Јунис се пријавени неколку жртви откако израелските сили нападнале куќа во градот Абасан ал-Кабира.
Во меѓувреме, 32-годишен маж починал од повредите здобиени во претходниот воздушен напад врз Бани Сухејла, источно од Хан Јунис.
Израелските сили, исто така, детонирале робот во близина на болницата „Ал-Авда“ во северна Газа, предизвикувајќи голема штета на болницата и пожар во магацинот за медицински материјали.
Израелските сили ги спречиле екипите на цивилна заштита да го изгаснат пожарот.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 53.800 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.