Најмладата ќерка на Трамп се породи, го откри името на синот

Најмладата ќерка на Доналд Трамп, Тифани Трамп, и нејзиниот сопруг Мајкл Булос станаа родители, а таа ја сподели среќната вест на социјалните мрежи.

„Добредојде на светот, наше слатко момче Александар Трамп Булос. Те сакаме неизмерно! Ти благодариме што дојде во нашите животи“, напиша таа покрај фотографија од стапалото на малото.

Претседателот на Соединетите Американски Држави откри во октомври минатата година дека ќе добие внуче. Тој ја нарече Тифани извонредна млада жена која е на пат да стане мајка.

Тифани и Мајкл почнаа да се забавуваат во 2018 година. Тие се венчаа во ноември 2022 година во Мар-а-Лаго во Палм Бич, речиси две години откако тој ѝ предложи брак.

Трамп ја имаше Тифани во бракот со Марла Мејпелс. Таа кратко се занимаваше со музика и мода, а потоа му помогна на својот татко во претседателските кампањи во 2016 и 2020 година.

Освен што често се појавува на политички настани, таа го привлече вниманието на јавноста и со своите профили на социјалните мрежи, каде што објавува детали од своето секојдневие.