Најновото истражување покажа дека децата во Mакедонија поминуваат многу време на Интернет

Последното истражување на јавното мислење покажува дека децата поминуваат премногу време на Интернет и тоа штетно влијае врз нив. Оваа анкета за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје.

Интересно е што ваквиот став доаѓа од граѓани од кои повеќе од две третини велат дека користат социјални мрежи и поминуваат повеќе од 2 часа дневно на Интернет.

69,4% од граѓаните сметаат дека интернетот има негативно влијание врз децата, додека 26,1% сметаат дека има позитивно влијание. Ова прашање го поставивме и во минатогодишното истражување и трендот останува сличен, иако има благ пораст и кај оние кои гледаат позитивно и кај оние кои гледаат негативно влијание.

Мнозинството граѓани или 79,6% сметаат дека децата поминуваат премногу време на Интернет. Само 10% веруваат дека децата поминуваат соодветно време и има 5,6% од испитаниците кои се на мислење дека децата поминуваат премалку време на Интернет. 86,7% од испитаниците сметаат дека децата треба да имаат ограничено време поминато на Интернет, додека само 7,7% сметаат дека тоа не е потребно. 85,1% од испитаниците сметаат дека треба да се забранат некои апликации, игри или социјални мрежи кои не се соодветни за деца.

Мнозинството граѓани или 25,4% поминуваат меѓу 1 и 2 часа дневно на Интернет. 18% поминуваат помалку од 1 час додека 14,6% поминуваат повеќе од 4 часа онлајн секој ден.

Две третини од граѓаните или 69% изјавиле дека користат социјални мрежи, додека 23,4% изјавиле дека не ги користат.

Очекувано, најмногу корисници на социјалните мрежи, меѓу 85 и 90 отсто, има кај граѓаните до 50 години. Меѓу оние над 60 години, само една третина или 31,6% користат социјални мрежи.

Граѓаните најмногу користат Фејсбук. 65,3% од испитаниците рекле дека тоа е нивниот прв избор. Втор избор за 32,5% од граѓаните е Инстаграм. Се користат и Tik-Tok, X и YouTube.

Две третини од граѓаните сметаат дека социјалните мрежи имаат негативно влијание врз луѓето, додека 24,3% сметаат дека влијанието е позитивно.

Анкетата е спроведена во репрезентативен примерок од 1116 испитаници, во периодот од 23 до 26 мај годинава.