Компанијата IDC направи проценка колку технолошки гиганти продале телефони во периодот од јули до септември.
Според нивните податоци, Samsung сè уште доминира со 59,6 милиони продадени мобилни телефони, но Apple се приближува (53,6 милиони).
Пазарниот удел на јужнокорејската компанија на тој начин изнесува 19,7%, додека кај американското „јаболко“ изнесува 17,7%, проценува IDC. Ова за нив претставува напредок, бидејќи во вториот квартал Apple беше зад Samsung за околу четири проценти.
Се смета дека клучен фактор за затворање на јазот е тоа што продажбата на Samsung падна за околу 8,4% на годишно ниво, но тие сè уште имаат доминација. Традиционално, според IDC, Samsung обично води во текот на годината, додека Apple избива на првото место или опасно им се приближува во четвртиот квартал.
Овде треба да потсетиме и на причината зошто е тоа така – Samsung ги претставува своите водечки телефони во јануари (така ќе биде случај и сега), додека Apple обично тоа го прави во септември.
Третото место на листата му припаѓа на кинескиот Xiaomi, кој продаде 2,4% повеќе телефони од лани во истиот период.