На брдото Матиќ во близина на Мостар одбележана е 19-годишнината од смртта на Борис Трајковски, поранешниот претседател на Република Северна Македонија, кој на оваа локација трагично го загуби животот во авионска несреќа. Цвеќе на местото на несреќата во која загина поранешниот претседател положија делегации од Советот на министри на Босна и Херцеговина и на Владата на Северна Македонија, известува Анадолу.
„Деветнаесет години по трагедијата што се случи тука, во која трагично настрада претседателот на Северна Македонија, го одбележуваме овој ден. Сакам да потсетам дека господинот Трајковски беше пријател на Босна и Херцеговина. Пријател на сите нејзини народи. Човек кој сакаше добро за својата земја, но и за целиот регион. Својот работен век како претседател на Републиката го посвети на ширењето на пријателството во регионот. Пријателството меѓу БиХ и Северна Македонија трае и ќе трае засекогаш. Покрај одбележувањето на годишнината од неговата смрт, сакаме и да му се заблагодариме“, изјави министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ.
Во името на Владата на Северна Македонија, на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски присуствуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Денес ја одбележуваме 19-годишнината од трагичната смрт на Борис Трајковски, неговата делегација и пилотите. Тие несреќно настрадаа на ова место. Како и секоја година, и оваа ја имаме поддршката на братска Босна и Херцеговина да се потсетиме на сѐ што направи. Трајковски беше човек со универзални вредности, кој работеше на мирот и љубовта, не само за својата, туку и за сите земји од регионот. Особена благодарност до колегата Ненад Нешиќ, пријателите од БиХ и градот Мостар кои заедно со нас се присетуваат на Трајковски и неговите соработници. Ви благодарам и вам, што сте тука и што ги пренесувате пораките“, рече Спасовски.
Борис Трајковски трагично настрада на денешен ден во 2004 година при пад на авионот во кој леташе заедно со соработниците за да учествува на Меѓународната инвестициска конвенција во Мостар.
Во несреќата животот го загубија и советниците од неговиот кабинет, Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска, вработениот во македонското МНР, Миле Крстевски, членовите на обезбедувањето на претседателот, Борис Велинов и Аце Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Комисијата за испитување на причината на несреќата, што ја формираше Советот на министри на БиХ, првенствено заклучи дека причина за падот на авионот била процедурална грешка на пилотската екипа во фазата на слетување на мостарскиот аеродром, што довела до тоа авионот да удри во брдо. Подоцна е заклучено дека и пилотите направиле 7 кобни грешки. Обвинителството на БиХ не обвини никого за авионската несреќа кај Мостар.