Родителите на учениците убиени во масовното пукање на 3. мај во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ протестираа во средата пред училиштето и пред зградата на српската Влада барајќи реакција од институциите на нивната иницијатива училиштето да прерасне во меморијален центар.
Идејата произлезе од трагедијата, невидена за Србија и регионот, кога на 3. мај, 13-годишниот ученик Коста К. со пиштолот на својот татко уби девет соученици и еден чувар, а рани шест ученици и една наставничка. Ден подоцна се случи масовно убиство во две села во близина на Белград, во кое загинаа осум млади луѓе, а 14 беа ранети, а овие две трагедии го започнаа бранот граѓански протести „Србија против насилството“.
Властите ги обвинија учесниците на тие протести, кои ги нарече проевропската опозиција, за „мршојадци“ кои си поигруваат со трагедија.
Родителите на убиените деца денеска симболично се собраа пред училиштето во 8 часот и 40 минути, во времето кога почна пукањето на 3. мај, а потоа со група граѓани и јавни личности кои го поддржуваат нивното барање, дојдоа во протестен марш пред зградата на Владата и поставија табли со натпис: „3. мај се уште тука“.
Нинела Радичевиќ, мајка на едно од убиените девојчиња, порача дека зградата во која беа убиени десет лица повеќе не може да биде училиште, бидејќи е место на злосторство.
„Не ја разбирам потребата да се стави се под тепих и да се преправаме дека 3. мај не се ни случил и да продолжиме како ништо да не се случило“, изјавила таа.
Таа предложила експертите кои се занимаваат со оваа тема да кажат како треба да изгледа Меморијалниот центар и порача на државата дека тоа треба да и „биде јасно“.
„Дали државата мисли дека тука не треба да има меморијален центар, нека каже, но неопходна е реакција“, вели мајката на убиеното девојче.
Меѓу јавните личности кои ја поддржуваат идејата на родителите за претворање на училиштето во меморијален центар е и до неодамна ректорот на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ.
Таа им порача на новинарите дека меморијалниот центар е „неопходен“ за општеството да не заборави на страшната трагедија.
Иванка Поповиќ инсистира дека по ваквото „страшно предупредување“ општеството не смее да дозволи „насилството да стане основен начин на комуникација“.
„Чувањето на спомените на жртвите е еден од начините на кои можеме да се бориме да го спречиме тоа да се случи во иднина“, изјавила Иванка Поповиќ пренесуваат соседните медиуми.