На Газа ѝ се заканува целосен хаос: Неизбежни се епидемии на заразни болести и глад!

Како што се намалува пристапот до гориво и други ресурси во Газа, „масовните епидемии на заразни болести и глад изгледаат неизбежни“, предупреди денеска високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк.

Целосното исцрпување на резервите на гориво „би било катастрофално во Газа, што ќе доведе до целосен колапс на водоснабдувањето, санитарните и клучните здравствени услуги и крај на протокот на хуманитарна помош што беше дозволен досега“, рече Тирк на прес-конференција по посета на Блискиот исток, јавува Си-Ен-Ен.

Во исто време, Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека добил извештаи дека повеќе луѓе страдаат од здравствени проблеми поради дехидрација и дека во Газа се регистрирани повеќе од 30.000 случаи на дијареа.

Турк укажа на интензивирањето на насилството и тешката дискриминација врз Палестинците на окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, и изјави дека неговите повици за деескалација на насилството во Газа се игнорирани.

„Се случи рушење на најосновното почитување на човечките вредности. Убиството на толку многу цивили не може да се третира како колатерална штета. Единствениот победник во таква војна веројатно ќе биде екстремизмот и уште поголем екстремизам“, рече Турк.