На поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, му е одземен дипломатскиот пасош.
Според документ до кој дошол порталот klix.ba , Додик има 15 дена да го врати пасошот во Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Доколку Додик не го почитува овој рок, Министерството за надворешни работи ќе ја извести Граничната полиција и дипломатско-конзуларната мрежа на земјата за фактот дека неговиот пасош е поништен.
Да потсетиме дека на Додик му беше одземен мандатот со одлука на Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина, одлука што ја потврди и Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина.
Неговиот мандат беше одземен поради конечна пресуда за неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, која беше донесена во јули.
Додик беше осуден на една година затвор, која ја купи со уплата од 36.500 КМ (18.600 евра), и шестгодишна забрана за политичка активност.
Според вториот дел од одлуката, неговиот мандат е одземен и од 18 август тој ја губи функцијата претседател на Република Српска.