На донаторската конференција собрани над 7 милијарди евра, 3,3 милијарди од институциите и земјите на ЕУ

На Меѓународната донаторска конференција на ЕУ вчера беа собрани повеќе од 7 милијарди евра за поддршка на Туркије и Сирија по силните земјотреси од минатиот месец, а од тој износ 3,3 милијарди евра ветија институциите на ЕУ и земјите членки.

На Меѓународната донаторска конференција на Европската Унија (ЕУ) вчера беа собрани повеќе од 7 милијарди евра (7,5 милијарди долари) за поддршка на Туркије и Сирија по силните земјотреси од минатиот месец, а од тој износ 3,3 милијарди евра ветија институциите на ЕУ и земјите членки.

„Вкупните ветувања изнесуваат седум милијарди евра“, објави шведскиот премиер Улф Кристерсон на крајот од Меѓународната донаторска конференција „Заедно за народот на Туркије и Сирија“.

Кристерсон рече дека собирањето средства ја постигнало својата цел да обезбеди помош, закрепнување и рехабилитација по разорната природна катастрофа.

Домаќини на настанот беа Европската комисија и Владата на Шведска, која од 1 јануари го презеде претседавањето со Советот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги поздрави резултатите од конференцијата.

„Ви благодарам многу што им покажавте на луѓето во Сирија и Туркије дека не се сами, дека се грижиме и дека сме тука да помогнеме“, рече таа.

Таа на прес-конференцијата изјави дека „тимот на Европа“, односно институциите и земјите членки на ЕУ ветиле вкупно 3,3 милијарди евра за народот на Туркије и Сирија.

Европската комисија вети една милијарда евра за реконструкција во Туркије и дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарна помош и за закрепнување на Сирија.

Европската инвестициска банка, поддржана од буџетот на ЕУ, понуди и 500 милиони евра заеми под поволни услови за Туркије.

„Како што брзо застанавме покрај луѓето со итна поддршка, сега стоиме покрај нив за закрепнување и реконструкција“, рече Урсула фон дер Лајен.

Таа објасни дека ЕУ е подготвена да ги сподели својата експертиза и искуство во изградбата на куќи, училишта и болници отпорни на земјотреси, како и да работи заедно за изградба на еколошки куќи за да се намалат потрошувачката на енергија и влијанието врз климата.

Два разорни земјотреса со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Туркије на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец ја погодија Јужна Туркије се искачи на 50.096.

Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије беа погодени од разорните земјотреси, како и многу други во Северна Сирија.