Метеоролошката канцеларија во Велика Британија издаде црвено предупредување за делови од Шкотска
Голем дел од северна Европа се подготвува за бура која доаѓа од исток, а властите предупредуваат дека поплавите би можеле да предизвикаат големи проблеми во Данска, Балтичкото Море и северна Велика Британија.
Данската телевизија ТВ2 соопшти дека регионот најверојатно ќе биде погоден од најлошите поплави во последните 110 години, а данскиот метеоролошки институт соопшти дека брановите би можеле да достигнат четири метри долж источниот брег.
Метеоролошката канцеларија во Велика Британија издаде црвено предупредување за делови од Шкотска бидејќи денеска и утре се очекуваат обилни врнежи, како и можност за поројни поплави опасни по живот.
Последната црвена тревога во ОК беше издадена во 2020 година.
Во Ирска бурата Бабет , придружена со обилни врнежи, доведе до поплави во неколку градови и села, а некои области денеска останаа под вода и без струја.
Во Данска, жителите поставија вреќи со песок долж критичните области. Полицијата во јужна Данска ги повика луѓето долж источниот брег да ги напуштат погодените области бидејќи куќите, пристаништата и другите места може да бидат поплавени. Полицијата предупреди дека патиштата може да бидат блокирани.
Аеродромот во Копенхаген и државната железничка компанија на Данска предупредија дека во петок може да има откажувања и доцнење на сообраќајот поради лошите временски услови.
Неколку фериботи меѓу данските острови беа прекинати, како и траектите до Росток во северна Германија и до Осло.
Шведските метеоролози издадоа и предупредување за јужниот брег од петок навечер и за сабота. Тие рекоа дека нивото на водата во јужните делови на Шведска би можело да го достигне највисокото ниво од 1990-тите.
Во Германија, властите предупредија на високи нивоа на водата во заливите во Шлезвиг-Холштајн, јужно од границата со Данска, до средината на саботата.