На една година пред следните избори, повторно подготовки за разговори за изборни реформи

На една година пред следните претседателски, а потоа и парламентарни избори повторно се прави обид за изборни реформи и нов изборен законик. Овој пат состанокот го свикаа Националниот демократски институт и Министерството за правда, а на него присуствуваа претставници на политичките партии, државните институции, универзитетски професори, како и на граѓански и меѓународни организации. 

Последен да ја собере работната група за нов изборен законик се обиде поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски, но информациите од Министерството за правда беа дека групата не може да се формира поради тоа што главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не делегира свој претставник.

Во говорот на конференцијата вчера, на која не беа поканети медиуми, актуелниот министер за правда Кренар Лога ги повика сите политички партии да дадат свој придонес и со консензус да биде донесен новиот изборен законик. Тој, како што соопшти Министерството за правда, изразил подготвеност да се согласи претседателот на работната група која треба да работи на изборниот законик да биде на предлог на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. 

-Мојата јасно зацртана цел е изборниот законик да биде изготвен пред следните избори, а преку инклузивен процес да се гарантира правната сигурност со тоа што ќе се слушнат мислењата на сите политички партии. Затоа, ги повикувам сите политички партии  со консензус да го донесеме Изборниот законик и да ги утврдиме изборните правила. Упатувам апел до ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија да даде свој придонес и да номинира свој член во работната група. Согласен сум, претседателот на работната група да биде нивен предлог, потенцирал Лога на конференцијата „Изборните реформи во Северна Македонија“.

Од ВМРО-ДПМНЕ за МИА соопштуваат дека досега до нив нема покана за учество во работни групи за изборниотт законик.

-Пред да се одлучи што било, добро е да се чуе кој е ставот на владината коалиција ДУИ, СДСМ и останатите од власта за една изборна единица, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.  

Министерот за правда Лога на конференцијата посочил дека изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно и да стапи во сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените.

-Во последниот извештај за предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики, рекол Лога. 

Засега нема информации кога ќе има следен состанок за изборните реформи, ниту пак што било кажано од другите присутни на конференцијата.

НДИ извести кусо дека се одржала конференција за изборни реформи синоќа на својот Фејсбук профил.