Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, во четвртокот на конференцијата за проширување на Европската унија во Берлин го најави почетокот на процесот на зајакнување на внатрешните структури на ЕУ како подготовка за процесот на проширување, а во исто време предложи постепена интеграција на земјите кандидати за членство.
„Мислам дека би можеле да размислуваме за постепена интеграција на земјите кандидати, кои со затворање на нови поглавја би можеле да пристапат до работата на Европската унија, меѓу другото и со учество на состаноците на Советот на ЕУ“, порача шефицата на германската дипломатија на отворањето на министерската конференција насловена „Совет, посилна унија“.
Аналена Баербок додаде дека нејзината Влада размислува за серија мерки кои би ја направиле ЕУ поефикасна во времето на проширувањето.
Меѓу овие мерки е и ограничувањето на областите за одлучување каде што би било можно вето. Аналена Баербок ја спомена можноста за воведување некакво гласање во Советот на ЕУ преку жолти и црвени картони: жолт во случај на незадоволство од некои делови од одлуката, црвен во случај на целосно несогласување.
Аналена Баербок, исто така, ја изнесе идејата за намалување на Европскиот парламент и Европската комисија, при што одредени сектори во рамките на ЕК ќе бидат поделени меѓу неколку земји-членки.
„Европската унија може да биде посилен актер само ако го прифатиме она што го одложуваме долго време, а тоа е реформирање на начинот на кој функционира ЕУ“, вели Аналена Баербок.
Таа додаде дека развојот на реформските планови ќе продолжи за време на белгиското претседателство со Европската унија во првата половина на 2024 година и изрази надеж дека ќе биде завршен во текот на следниот изборен период.
Аналена Баербок кажа дека процесот на проширување е неопходен за да се направи ЕУ уште посилен актер и да се зголеми безбедноста. Во работната конференција учествуваше и првиот човек на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Аналена Баербок вели дека проширувањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија, е неопходно поради геостратешката ситуација и политиката на претседателот на Русија, Владимир Путин.
Министерската конференција на која се разговара за зајакнување на структурите на Европската унија со цел да се подготви за продолжување на процесот на проширување беше организирана од Германија во соработка со Шпанија, која во моментов претседава со ЕУ.