На вилата во која славната Мерлин Монро ги помина последните години од животот и се заканува рушење.
Оваа недела, имено, општината на сопственикот му дала дозвола да ја урне вилата во шпански стил, со површина од 270 метри квадратни, која има еден кат и градина, како и базен кој се наоѓа зад куќата, пренесува Анса. .
Куќата е изградена во 1929 година, таа се наоѓа на крајот на мирна улица во Брентвуд, луксузна населба каде вредноста на градежното земјиште денес вртоглаво расте.
Токму поради оваа причина, сопственикот сака да ја сруши куќата, која е премногу скромна за сегашните параметри и за зоната во која се наоѓа, за да може таму да изгради нешто многу поисплатливо.
„Тоа е напад на историјата и културата на овој град“, рече Адријан Скот Фајн, од здружението што се бори за зачувување на архитектонските и историските знаменитости на Лос Анџелес.
„Собираме потписи за да ги натераме градските власти да ја повлечат дозволата за уривање и да ја прогласат вилата за место од историско и културно значење“, вели Фајн.
Мерлин Монро, ѕвездата на класиците на комедијата како „Некои го сакаат жешкото“ или „Мажите претпочитаат русокоси“, многу често ја менуваше резиденцијата во Лос Анџелес.
Единствената куќа што си ја купила е оваа мала, бела вила. Актерката го купила во 1961 година за 75.000 долари. Куќата, која остана горе-долу непроменета, последен пат е продадена пред еден месец, за 8,4 милиони долари.
Токму во таа куќа, во спалната соба, 36-годишната холивудска дива е пронајдена мртва, а причина за смртта е предозирање со барбитурати.