Ирскиот фудбалски репрезентативец и играч за врска на англискиот второлигаш Виган, 33-годишниот Џејмс МекКлин, објави дека му е дијагностициран аутизам.
МекКлин ја откри дијагнозата во вторникот во објава на Инстаграм за време на Светската недела на аутизам, додавајќи оти побарал лекарска проценка нанарушување на спектарот на аутизам (ASD), откако заедно со сопругата Ерин препознале дека споделува некои особини со една од своите ќерки Вилоу –Ајви.
„Како што сите знаете, мојата ќерка Вилоу – Ајви има аутизам. Последните четири години ѝ го променија животот на неверојатен начин, но понекогаш беа и многу тешки, бидејќи нејзиниот татко ја гледаше како премостува толку пречки во својот живиот и учи да се справува со предизвици со кои секојдневно се среќава“, напиша МекКлин во воведот на својата емотивна објава.
„Гледам толку мали особини во неа кои ги гледам и кај себе, па затоа одлучив да извршам проценка на ASD. Беше тоа мало патување и сега по дијагнозата чувствувам дека е време да споделам со вас, во неделата која е во нејзиниот знак. Некое време дебатирав ова да го споделам со јавноста бидејќи тоа го сторив за Вилоу – Ајви за да ѝ дадам до знаење дека ја разбирам и оти тоа што има аутизам нема и никогаш не би требало да ја спречи во постигнување на своите цели и соништа. Татино девојче“, напиша ирскиот репрезентативец.
Ден претходно МекКлин го одигра 98. натпревар во кариерата за Република Ирска кога во понеделникот влезе од клупата за резерви на дуелот против Франција (0-1) во квалификациите за ЕУРО2024.