Министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, на маргините на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата, перењето пари и олеснување на напорите за враќање на имотот.
Текстот на заедничката изјава, усогласен за време на регионална конференција за борба против корупција во Југоисточна Европа, одржана во Скопје на 31 октомври годинава, во организација на македонското претседателство со ОБСЕ, а во соработка со Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Канцеларијата на координаторот на ОБСЕ за економски и еколошки активности, ја потпишаа македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ и министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани.
Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи, по потпишувањето рече дека корупцијата е заеднички проблем на регионот, а потпишувањето на заедничката изјава праќа јасна порака дека корупцијата не се исплаќа.
– Заедничката изјава препознава дека корупцијата го ослабнува владеењето на правото, ја разнишува довербата во институциите и ги загрозува социјалниот и економскиот развој и просперитет како и стабилноста и безбедноста. Таа претставува опасност за споделените вредности на ОБСЕ и предизвикува секаков вид на криминални активности, рече Османи.
Документот, како што посочи, содржи десет акциски точки, меѓу кои зајакнување и користење на дигитални алатки, регионална соработка на ниво на институции и организации во борбата против корупцијата и олеснување на напорите за враќање на имотот.
Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ порача дека борбата против корупцијата не е можна без сеопфатна институционална и регионална соработка.
– Ниту една земја не може сама, и ОБСЕ може да помогне во јакнење на капацитетите за спречување и борба против корупцијата, речеа Дачиќ, посочувајќи дека ваква изјава треба да потпишат сите земји, вклучително и побогатите и поразвиени, за кои изрази сомнеж дека би успеале да ги исполнат сите критериуми кои самите ги поставуваат.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, рече дека јакнењето на регионалната соработка е клучно во борбата против корупцијата, а потпишувањето на изјавата, како што рече, претставува потврда за силната посветеност во борбата против корупцијата.
– Препознаваме дека корупцијата е транснационален проблем и нашата посветеност се протега преку границите, потенцираше тој.
Филип Ивановиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, потпишувањето на иницијативата го оцени како конкретен чекор во зајакнување на регионалната соработка во борбата против корупцијата и дека таа значително ќе помогне во зголемување на добросостојбата на државите.
– Tоа е, исто така, критична одредница за оценка на прогресот на западните земји на патот кон ЕУ, дополни Ивановиќ.
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, ја поздрави иницијативата, посочувајќи дека борбата против корупцијата и доброто владеење е еден од главните приоритети на албанската Влада.
– Крајна линија останува политичката волја, и се надевам дека иако сите присутни министри на масава се мажи, ќе сториме многу повеќе за жените и младите, рече тој.