Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) во петокот поднесе обвинение против претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, а за ова кривично дело, доколку биде прогласен за виновен, се соочува со казна затвор од шест месеци до пет години.
„Можеме да потврдиме дека Обвинителството на БиХ покрена обвинение против Милорад Додик и Милош Лукиќ, кои се товарат за кривично дело неисполнување на одлуките на високиот претставник од член 203а став 1 од Кривичниот законик на БиХ. Обвинението е доставено до Судот на БиХ на потврда“, се вели во кусото соопштение на Државното обвинителство, пренесуваат тамошните медиуми.
Милош Лукиќ, кој е обвинет заедно со Милорад Додик, е директор на Службен весник на Република Српска.
Поднесувањето на обвинението е резултат на обидот на властите на Република Српска да го блокираат спроведувањето на пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина со донесување посебен закон во парламентот на ентитетот во текот на месец јули.
Тој закон, кој беше усвоен од Националното собрание на РС на 27. јуни, беше поништен од високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, на 1, јули користејќи ги неговите овластувања.
Во исто време, Кристијан Шмит наметна измени во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со што неспроведувањето или непочитувањето на неговите одлуки стана кривично дело.
За ова е пропишана казна затвор до пет години, како и одредба дека во случај на осуда, лицето кое е осудено автоматски го губи правото да извршува функција во сите органи на законодавната, извршната, судската и административна моќ или кој било друг орган финансиран од буџетот на државата.
Милорад Додик ги игнорираше одлуките на високиот претставник и на 7. јули го потпиша стапувањето на законот во сила, кое Кристијан Шмит го откажа, а Милош Лукиќ како директор на Службен весник ја објави одлуката во овој печат ден подоцна.
Сега, поради ова, и двајцата ќе се соочат со кривично гонење доколку Судот на Босна и Херцеговина го потврди обвинението. Ако пресудата е виновна, тоа би значело крај на политичката кариера на Милорад Додик.