Над 100 медицински сестри од кои 56 само во Прилеп од вчера останаа без договори за вработување.
И без договори, медицинските сестри продолжуваат да работат. Здружението „За нас“ апелира за систематски решенија за овие прашања за вработување.
„Во прилепската болница имаме 56 медицински сестри на кои им се раскинати договорите, ги имаме во Кавадарци, Битола. Раскинување на 56 договори, каде се дадени само 27 согласности, а во сите здравствени установи имаме медицински сестри каде имаме точни бројки колку ги има, на кои не им е кажано да не доаѓаат на работа и кои нема да имаат финансиски договори за јануарска исплата“, изјави Гордана Бешлиовска, претседател на Здружението на медицински сестри „За нас“.
Од Министерството за здравство велат дека дале согласност за продолжување на договорите, додека сега Министерството за финансии делумно им издава согласности на клиниките за продолжување на договорите.
„Како министер за здравство сега дадовме согласност за продолжување на договорите за сите медицински сестри. Фондот ги има потпишано и согласностите и сите се сега во Министерството за финансии, кое ги обработува и ги издава по дел, поради што не се издаваат на сите“, рече Јовица Андоновски, заменик министер за здравство.
Андоновски рече дека до крајот на следната недела ќе бидат поделени сите согласности за нови договори. Во меѓувреме, од Министерството за здравство велат дека работните одлуки ќе бидат донесени до крајот на март .