Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на нејзината турнеја низ Западен Балкан, ќе застане и во Скопје.
Нејзината посета на Македонија ќе биде во среда, а претходно ќе ги посети и Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
„Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе отпатува во Западен Балкан во недела. Ова ќе биде можност да се повтори поддршката на ЕУ за патот на регионот кон членство во ЕУ и постепен пристап до Единствениот пазар, како и да се разговара за Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година“, се вели во соопштението на ЕК.
Во Скопје се очекува да оствари повеќе средби, меѓу кои и со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателката Гордана Силјановска Давкова и со претседателот на Собранието Африм Гаши.
Потсетуваме дека поради условите на Бугарија за уставни измени, Северна Македонија е заглавена на својот европски пат, додека европските лидери не ја посетиле земјата долго време.