На трибините се слушаа и врисоци: капитенот на Барселона тешко се повреди и ја заврши сезоната

Фудбалерите на Барселона го победија Виљареал со 5:1 на стадионот „Де ла Керамика“ во шестото коло од Примера и така одржаа перфектен старт на новата сезона, но славјето беше нарушено со тешката повреда на голманот Марк-Андре тер Штеген.

Во финишот на полувремето чуварот на мрежата на Германија фати висока топка, но откако приземји се слушна неговиот врисок кој ги смрзна сите навивачи.

Тер Штеген беше изнесен од теренот на носилки, а се работи за тешка повреда на коленото на пателарната тетива и ќе биде надвор од терените најмалку осум до девет месеци, што значи дека неговата сезона е завршена.

Во преостанатиот дел од натпреварот беше заменет со Инаки Пена, кој има многу мало прволигашко искуство, а ова е само една од низата повреди кои ја пустошеа соблекувалната на каталонскиот тим оваа сезона.

Барселона и понатаму е на првото место со 100% учинок и има четири бода повеќе од второпласираниот Реал. Во следното коло Барселона го пречекува Хетафе.