Лошите временски услови, вклучувајќи снег и температури под нулата, ги попречуваат напорите на спасувачите кои се обидуваат да ги извлечат луѓето од урнатините. Студениот и влажен воздух што се движи низ регионот ќе влијае на напорите за пребарување и спасување по разорниот земјотрес во јужна Турција и северна Сирија.
Иако почетокот на февруари е најстудениот дел од годината, сегашните температури се пониски од просечните, околу пет степени Целзиусови под сезонските норми, велат метеоролозите на Си-Ен-Ен.
Утре се очекува да продолжат да опаѓаат температурите, а во југоисточниот регион Газиантеп се очекуваат ниски од -6 степени Целзиусови.
Турската метеоролошка служба предупреди дека Турција ќе биде изложена на снежно невреме, силен дожд и значително опаѓање на температурите низ целата земја, додавајќи дека снежното невреме се движи од Сибир и дека студот ќе трае до четврток. Северозападниот регион Мармара е изложен на ветрови со јачина од 60 до 90 км/ч.
Покрај тоа, Туркиш ерлајнс откажа 238 домашни и меѓународни летови поради снежни врнежи. Во соопштението за медиумите, компанијата соопшти дека откажала 72 домашни летови и 166 меѓународни летови до и од аеродромот во Истанбул на 5 и 6 февруари, поради очекуваните врнежи од снег.
Претходно, гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја ги повика граѓаните да не возат автомобил доколку не е неопходно, поради снегот и обилните врнежи кои се очекуваат во градот од недела навечер.
– На терен дежураат 9.649 вработени. Ќе дежураме на секој агол на Истанбул, со различни описи на работни места. Пазете се од „летечки“ покриви и дрвја – предупреди Јерликаја.
Спасувачката организација „Бели шлемови“, официјално позната како Сириска цивилна одбрана, прогласи вонредна состојба во североисточна Сирија.
„Земјотресот резултираше со стотици повредени, стотици загинати и луѓе кои останаа заглавени во зимскиот студ. Неповолните временски услови, вклучувајќи ниски температури и бури, ја влошија и онака лошата ситуација“, се вели во соопштението на Белите шлемови.
И покрај условите, властите побараа од жителите да ги напуштат зградите бидејќи се очекуваа дополнителни последователни потреси по оној од понеделникот од 7,8 степени.