На Украинците им е доста од војната, сакаат преговори

Повеќе од две третини од Украинците, 69 проценти, сакаат војната да заврши преку преговори што е можно поскоро, според ново истражување на Американскиот институт Галуп спроведено помеѓу 1 и 14 јули.

Ова е драстичен пресврт во споредба со 2022 година, кога само 22 проценти од испитаниците беа за преговори, додека дури 73 проценти тогаш поддржуваа продолжување на борбата до конечна победа.

Денес, само 24 проценти од Украинците се за продолжување на војната сè додека Русија не биде целосно поразена.

Мнозинството граѓани, сепак, не веруваат дека војната ќе заврши наскоро. Само 25 проценти од нив веруваат дека постои реална шанса активната фаза на конфликтот да заврши во текот на следната година, а само 5 проценти веруваат дека тоа е „многу веројатно“. Од друга страна, 68 проценти од испитаниците веруваат дека крајот на борбите во следните 12 месеци е малку веројатен.

Анкетата на Галуп, исто така, покажува драстичен пад на поддршката на украинските граѓани за американското лидерство. Додека во 2022 година, дури 66 проценти од Украинците имале доверба во американското лидерство, денес само 16 проценти од нив го задржуваат ова мислење. Дури 73 проценти од Украинците сега гледаат негативно на американското лидерство, што е највисоко ниво на недоверба досега забележано.

Овој пад на довербата се совпаѓа со враќањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД на почетокот на 2025 година. Тензиите меѓу Вашингтон и Киев дополнително се зголемија откако Трамп и Володимир Зеленски се сретнаа во Овалната соба кон крајот на февруари, кога американската воена помош за Украина беше привремено суспендирана.