Случајот со министерката за енергетика Сања Божиновска, која имала бугарско државјанство и пасош е причината поради која опозициската СДСМ подготвува предлог закон до Собранието. Со него, како што велат од оваа партија, ќе се бара лицето кое ќе биде именувано за премиер, претседател на државата или министер, да има само македонско државјанство. Лицата кои имале двојно државјанство, како што велат од СДСМ, да не можат да бидат именувани на овие позиции. СДСМ ќе бара овој предлог закон да важи и за актуелните функционери.
-Македонските граѓани заслужуваат лидери кои немаат резервна татковина, туку имаат само една држава и се лојални кон Република Македонија. Затоа СДСМ ќе поднесе иницијативата за законски измени во Собранието со кои ќе се постави јасен услов: премиерот, вицепремиерите, министрите, пратениците и претседателот на државата да бидат лица кои имаат само македонско државјанство. Овие измени ќе бараме да важат веднаш и за актуелниот состав на Владата, изјави Менде Илиевски од СДСМ.
Опозициската партија, бара поддршка за ова од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Одговорот стигна.
-Во овој момент тоа можеме да го искоментираме само како уште еден обид за популизам, кој не вреди за дополнителен коментар, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Сања Божиновска, која во моментов е министерка за енергетика и рударство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, покрај македонското има и чешко државјанство. Подоцна медиумите открија, дека покрај овие две, имала и бугарско државјанство и пасош. Сепак, таа кога беше именувана на функцијата, рече дека побарала од бугарските власти изземање од бугарското државјанство, но тоа барање никогаш не го достави на увид на јавноста.
За време на пратенички прашања во четвртокот минатата недела, на критиките на опозицијата, премиерот Мицкоски одговори дека Божиновска била поголема Македонка од сите кои се во СДСМ. Мицкоски тогаш рече наместо да бидат горди што Македонија има професионалец, успешна личност за која знае целиот светски бизнис крем, се измислуваат приказни кои не се поврзани со енергетиката.