Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво и вети безрезервна поддршка за таа земја, објави севернокорејската државна агенција КЦНА во пресрет на неговата посета на таа земја.
Во писмото објавено во севернокорејскиот весник Родонг Синмун, весникот на владејачката Работничка партија, Путин истакна дека во текот на изминатите 70 години, двете земји развиле добри односи и партнерство засновани на еднаквост, меѓусебно почитување и доверба.
Путин и’ се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на руската специјална воена операција во Украина, како што Русија ја нарекува војната што ја започна пред две години, и вети поддршка за напорите на Пјонгјанг да ги брани своите интереси и покрај, како што напиша, „притисокот, уцената и воените закани од САД – а”.
Написот беше објавен еден ден откако двете земји објавија дека Путин ќе ја посети Северна Кореја за првпат по 24 години. Постот треба да трае два дена, почнувајќи од вторник.
Руската агенција ТАСС пренесе дека рускиот претседател нагласил дека соработката меѓу двете земји ќе биде уште поблиска, што ќе го зајакне нивниот суверенитет и ќе ги обедини во отпорот на притисокот од Западот.
Во написот, според ТАСС, Путин посочил дека Северна Кореја била и останува „сигурен партнер“ кој размислува на „сличен начин“ како Русија.
Во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, на секои десет метри улиците се украсени со портрети на Путин и руски знамиња. На една зграда беше закачен транспарент: „Срдечно го поздравуваме претседателот на Руската Федерација“ . Безбедносните сили се на високо ниво, речиси никој не може да се види на улица пред да помине руската делегација.