Научниците открија илјадници километри древни речни корита во јужните висорамнини на Марс, што укажува дека црвената планета некогаш имала многу повеќе вода отколку што се веруваше претходно.
Врз основа на слики со висока резолуција од орбитерот, истражувачите идентификуваа траги од речиси 16.000 километри антички речни текови, стари повеќе од три милијарди години, објавува „Гардијан“.
Некои леи се кратки, додека други формираат мрежи подолги од 160 километри, што укажува на постоење на редовни врнежи – дожд или снег
„На Марс е пронајдена вода многу пати претходно, но ова е прв пат да најдеме докази во област за која долго време се сметаше дека е сува“, рече Адам Лоскут, докторант на Отворениот универзитет.
Откритието во областа Ноачис Тера, еден од најстарите региони на планетата, е особено значајно. Иако климатските модели сугерираа дека имало многу врнежи од дожд, досега немаше докази за речни системи.
Новите слики открија таканаречени „речни меандрични гребени“ – остатоци од речните текови што времето и ерозијата ги обликувале во карпи. Една од фотографиите покажува речна мрежа како влегува во кратерот, го исполнува со вода, а потоа излегува од другата страна, што дополнително го потврдува постоењето на проточна вода.
Откритието сугерира дека Марс имал постојана површинска вода пред околу 3,7 милијарди години, пред да ја изгуби атмосферата и да стане сув поради слабеење на магнетното поле. Научниците претпоставуваат дека дури и денес огромни количини вода можат да се најдат под површината на Марс, надвор од видливите поларни капи.