Невиден хаос во Еквадор по апсењето на лидер на еден од најмоќните нарко-картели: Членови на криминалната организација го нападнаа затворот, пукале во полицијата и Армијата

Еквадорската полиција соопшти дека го уапсила наводниот водач на моќниот нарко-картел Лос Лобос.

Мажот, идентификуван како Хаиме С.Ц., бил вооружен и носел голема сума пари кога полицијата го запрела неговиот луксузен автомобил во пристанишниот град Пуерто Боливар.

Вооружени лица за кои се верува дека припаѓаат на неговата банда отвориле оган додека полицијата го носела уапсениот во станица. Во таа прилика е повреден еден полицаец. Малку подоцна, според BBC, бандата пукала и во војниците назначени да ја чуваат зградата во која бил затворен Хаиме С.Ц.

Полицијата соопштила дека Хаиме С.Ц имал со себе 13.500 долари, чие потекло не можел да го објасни. Медиумите јавуваат дека картелот Лос Лобос (превод – Волци) има околу 8.000 членови и е една од најмоќните криминални организации во таа земја на Андите. Многу членови се во затвор, но бандата продолжува да дејствува зад решетки и е обвинета за организирање на некои од најкрвавите затворски немири во Еквадор. Се верува дека бандата е поврзана и со мексиканскиот картел Халиско Нова за кој шверцува кокаин од Колумбија преку пристанишните градови на Еквадор во САД и Европа.

Еквадор инаку беше зафатен од бран насилство за време на кој стапката на убиства се зголеми четирикратно помеѓу 2018 и 2022 година.

Даниел Нобоа, кој положи свечена заклетва како нов претседател во четвртокот, вети дека ќе се бори против шверцот со дрога и ќе ја ослободи земјата од канџите на бандите. На неговиот прв ден на функцијата, тој ја укина политиката со која се дозволува поседување на мали количества дрога, тврдејќи дека ја поттикнала микро-трговијата во училиштата и создала цела генерација деца зависници.

Еквадоркриминал