Додатоците во исхраната можат да бидат корисни бидејќи го надополнуваат она што не го внесуваме преку храната. Сепак, иако можат да ни помогнат, важно е да се знае дека прекумерното внесување на одредени додатоци во исхраната може да има и негативни последици – особено за мозокот и нервниот систем. Неврологот д-р Баибинг Чен, попознат на социјалните мрежи како д-р Бинг, неодамна предупреди во видео за три додатоци во исхраната кои се многу популарни денес, но можат да бидат опасни ако се земаат во прекумерни количини.
„Премногу од овие витамини и минерали може да бидат токсични за мозокот и нервниот систем“, напиша тој во описот на видеото.
Тој истакнува дека мозокот е исклучително чувствителен орган, па затоа е важно секојдневно да се грижиме за неговото здравје.
Цинк
Додатоците на цинк често се земаат за зајакнување на имунитетот или за помош при настинки, но мора да бидете внимателни со количината. „Цинкот е важен за нашите тела и се наоѓа во многу прехранбени производи. Но, проблемот се јавува кога луѓето земаат додатоци секој ден неколку месеци – тогаш лесно можат да ја надминат безбедната граница“, истакнува неврологот. Премногу цинк се меша во апсорпцијата на бакар, а бакарот, според него, е клучен за здравјето на нервниот систем. Недостатокот на бакар може да доведе до миелоневропатија, оштетување на ‘рбетниот мозок и периферните нерви.
Витамин А
Витаминот А е популарен поради неговите ефекти врз кожата, имунитетот и општото здравје, но тоа е витамин кој, како што објаснува д-р Чен, „се складира во црниот дроб и може да се акумулира со текот на времето“. Тој предупредува дека премногу може да предизвика состојба наречена псевдотумор церебри – зголемен притисок во мозокот што имитира тумор и може да предизвика главоболки, заматен вид, па дури и трајно губење на видот.
Витамин Д
Витаминот Д, познат и како „витамин на сонцето“, често се користи за зајакнување на коските и имунитетот, особено кај малите деца и луѓето над 50 години. Но, д-р Чен предупредува: „Земањето превисоки дози на витамин Д може да доведе до натрупување на калциум во крвта, што може да влијае на мозокот и да предизвика конфузија, замор, депресија, а понекогаш дури и психоза“.
На крајот од видеото, д-р Чен потсетува: „Иако овие витамини и минерали се неопходни за нормално функционирање на телото, умереноста е клучна. Како и со речиси сè во животот – повеќе не е секогаш подобро.“
Доколку не сте сигурни дали земате премногу или премалку од одреден додаток, задолжително консултирајте се со вашиот лекар.