Недостатокот на железо може да предизвика замор, бледа кожа, вртоглавица и кршливи нокти и коса. Овој минерал е неопходен за производство на хемоглобин, протеин кој носи кислород од белите дробови низ телото.
Ако нивото на железо во телото се намали, може да се појави анемија, а еден необичен симптом може да укаже на недостаток на оваа хранлива материја – желба за мраз.
Врската помеѓу железото и необичните желби
Необјаснетата потреба за џвакање мраз, позната како пагофагија, може да биде поврзана со недостаток на железо. Овој феномен е дел од нарушувањето на пика, кое предизвикува конзумирање на нејадливи материи како што се земја, глина, скроб, хартија или креда.
Иако е почеста кај децата, Националната медицинска библиотека наведува дека може да се појави и кај возрасни со дефицит на железо, дури и ако немаат дијагностицирана анемија, пишува Дејли експрес.
Дали џвакањето мраз може да биде опасно?
Иако јадењето мраз не изгледа штетно, желбата да се консумираат нејадливи материи може да предизвика сериозни здравствени проблеми како што се труење, блокади на цревата и дигестивни проблеми. Симптомите на можно труење вклучуваат абдоминална болка, надуеност, екстремен замор, гадење и дијареа.
Доколку забележите постојана потреба од џвакање мраз или други нејадливи материи, се препорачува да се консултирате со лекар. Овие необични желби може да бидат знак за недостаток на железо и бараат медицинска евалуација и соодветен третман.