Италијанската влада прогласи вонредна состојба во мај, бидејќи ова е една од најтешките суши што го погодиле островот во последните 50 години.
Поради исклучително ретки врнежи во последните година и пол, голем дел од населението на Сицилија, околу два од вкупно пет милиони жители, е подложено на рационализирање на водата за пиење. Ситуацијата е особено тешка во западните и јужните делови на островот, а од 29 вештачки езера, шест целосно се исушија.
Поради оваа причина, во многу општини граѓаните добиваат вода секој втор ден или се снабдуваат од цистерни. Последиците од ова се големи штети за земјоделството, додека во некои области сточарите се принудени да убиваат добиток за кој немаат ниту вода ниту храна.
Енио Бонфанати од Калтанисета истакнува дека ситуацијата оваа година е катастрофална и дека навистина мора да користи таков термин.
„Овде обично одгледуваме модар патлиџан, домати и пиперки, а оваа година – како што гледате – нема ништо затоа што немаме вода“, се жали друг земјоделец.
Во февруари гувернерот на Сицилија, Ренато Шифани прогласи статус на природна катастрофа, а италијанската влада во мај прогласи вонредна состојба, бидејќи ова е една од најтешките суши што го погоди овој остров во последните 50 години, известува Rts.
Говеда без храна и вода
Деновиве Министерството за земјоделство на Италија прогласи состојба на екстремни временски услови на цела Сицилија, додека регионот бара и посебен декрет кој би се однесувал на континуирано намалување на водните ресурси во вештачките езера, што доведува до недостаток на вода за наводнување.
Се проценува дека годинава во однос на лани земјоделското и сточарското производство ќе се преполови.
„На Сицилија се одвива трагична ситуација како никогаш досега во последните 20 години – сите земјоделски сектори се ужасно загрозени, почнувајќи од самиот добиток што мораме да го убиеме, бидејќи тие немаат што да јадат и пијат“, предупредува Франческо Кукуруло, претседател на Колдирети.
Во следните денови временската прогноза предвидува екстремно високи температури без врнежи, а вонредна состојба поради суша е прогласена во регионот на Калабрија, додека на Сардинија му претстои истото.
Националната лига на задруги на јужните региони, попозната како „Легакоп“, која е најстарата и главна асоцијација за заштита и застапување на италијанските задруги, зборува за драматичната состојба на тие територии, кои досега изгубиле четири милијарди евра и 33.000 вработувања само во првиот квартал оваа година предизвикани од сушата која се уште трае.