Хантер Бајден, синот на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден, ќе се појави пред федералниот суд во Вилмингтон, Делавер, на 3. октомври за да се соочи со обвиненијата за нелегално поседување оружје, нареди судијата во средата.
Хантер Бајден (53 г.) се обидел да избегне патување во Делавер за да не се појави лично на сослушувањето, тврдејќи дека тоа би претставувало логистички предизвици, но американската судијка Марјелен Нореика го одбила неговото барање да се појави преку видео-врска.
Специјалниот американски обвинител Дејвид Вајс, кој го води случајот и ја водеше опсежната истрага за Хантер Бајден, се спротивстави на напорите тој да се појави преку видео-врска, велејќи дека личното сослушување ќе ја поттикне довербата на јавноста дека обвинетиот се третира доследно со другите обвинетите.
Хантер Бајден е обвинет дека лажел кога пополнувал формулари за набавка на огнено оружје во 2018 година, во кои тој негирал зависност од дрога што подоцна ја признал.
Во јуни, тој постигна договор за признавање вина што ги покрива обвиненијата за затајување данок и нелегално поседување огнено оружје, што веројатно му овозможи да избегне затвор и судење што би било срамно за него и за неговиот татко. Сепак, судијка Марјелен Нореика го отфрли предложениот договор за признавање вина во јули поради неговата сомнителна законитост и степенот на имунитетот што му се нуди на Хантер Бајден.
Според договорот, Хантер Бајден, би се изјаснил за виновен за неплаќање данок на доход од 1,5 милиони долари помеѓу 2017 и 2018 година и би склучил посебен договор за одложено гонење за незаконско поседување огнено оружје додека бил под дејство на дрога, што е кривично дело.
Неговиот адвокат објави дека Хантер Буден планира да се изјасни за невин.
„Господинот Хантер Бајден ќе се изјасни за невин и нема причина зошто да не може да ги каже овие два збора преку видео-конференција“, напишал неговиот адвокат Абе Дејвид Лоуел во писмото до судијата во вторникот.
Судењето значи дека САД најверојатно ќе се соочат со невиден спектакл, бидејќи детето на актуелниот претседател се соочува со кривично судење додека неговиот татко води кампања за реизбор.
Поранешниот претседател Доналд Трамп, фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, исто така се соочува со четири свои кривични судења.