Зголемувањето на респираторните инфекции е предизвикано од грип и други познати патогени, а не од некој нов вирус, соопшти кинеското Министерство за здравство.
Грипот и другите познати патогени, а не некој нов вирус, се причините за зголемувањето на бројот на заболени од респираторни инфекции низ Кина, што го привлече вниманието на Светската здравствена организација, соопшти денеска кинеското Министерство за здравство.
Според портпаролот на кинеската Национална здравствена комисија, неодамнешните епидемии на респираторни инфекции се предизвикани од преклопување на вообичаени вируси како што се грип, риновируси, респираторен синцицијален вирус (RSV), аденовирус и бактерии како Mycoplasma pneumoniae.
Кинеското министерство ги повика локалните власти да отворат дополнителни клиники за треска и да промовираат вакцинација кај децата и постарите лица додека земјата се бори со бранот на респираторни инфекции во првата зима по укинувањето на ограничувањата за коронавирус.
„Треба да се направат напори да се зголеми отворањето на соодветните клиники и места за лекување, да се продолжи работното време и да се зголеми понудата на лекови“, рече портпаролот на Министерството, Ми Фенг. Тој ги советуваше луѓето да носат маски и ги повика локалните власти да се фокусираат на спречување на ширењето на болеста на места каде што има голем број луѓе, како што се училиштата и домовите за стари лица.
Светската здравствена организација формално побара од Кина претходно оваа недела да обезбеди информации за потенцијално загрижувачкиот пораст на респираторните заболувања и појавата на пневмонија кај децата. СЗО подоцна објави дека кинеските здравствени службеници не откриле никакви невообичаени или нови патогени и ги дале бараните податоци во врска со зголемувањето на респираторните заболувања и пријавиле појава на пневмонија кај децата.
Според СЗО, податоците од кинеските власти покажале зголемување на бројот на деца хоспитализирани поради болести како што се бактериски инфекции, РСВ, грип и настинки од октомври. Појавата на нови видови на грип или други вируси кои можат да предизвикаат пандемија обично започнува со недијагностицирани фокуси на респираторни заболувања.
Така, и САРС и КОВИД-19 првпат беа пријавени како необични видови на пневмонија. На почетокот на овој месец, кинеските власти го обвинија укинувањето на ограничувањата воведени поради корона вирусот за зголемување на бројот на заболени од респираторни инфекции.