Многу тензично беше во петокот вечерта во Лион, за време на спонтаните протести против пензиската реформа и одлуката на властите да ја усвојат без гласање во собранието.
Група радикални демонстранти упаднаа во зградата на Општината на четвртиот арондисман во Лион и направија голем хаос.
Најпрво се судрија со полицијата на улиците во центарот на градот, кршејќи излози и автобуски постојки, а потоа околу 22.15 часот помала група се одвои и се упати кон Општината.
Напаѓачите ја скршиле тешката рустикална врата од зградата на општината четвртиот арондисман, запалиле оган на влезот, а потоа ја пробиле соседната стаклена врата и влегле внатре.
Успеале да влезат во најблиските канцеларии и почнале да ја уништуваат внатрешноста, но полицијата реагирала и ги спречила. Ова се случувало во моментот кога демонстрантите имале намера да подметнат пожар.