Времето кога ќе посегнете по чаша вино или коктел може да направи разлика помеѓу тоа дали ќе се разбудите освежени или исцрпени. Според д-р Викторија Хејс, пиењето алкохол доцна навечер може да има долгорочно негативно влијание врз квалитетот на вашиот сон и целокупната благосостојба.
Зошто пиењето доцна навечер го нарушува сонот?
„Дури и еден пијалок премногу блиску до спиење може да ја наруши способноста на телото да се опорави, да се одмори и да се ресетира“, предупредува д-р Хејс, според „Експрес“.
Иако алкохолот може да ви помогне побрзо да заспиете, тука лежи проблемот.
„Алкохолот го блокира REM спиењето – длабоката, реставративна фаза на спиење што мозокот ја користи за меморија, расположение и обработка на информации“, објаснува таа.
РEM спиењето е особено важно за менталната функција, а неговиот недостаток може да има последици следниот ден.
Препорака на доктор: Последниот пијалок испијте го најдоцна до 20 часот
Првично, алкохолот делува како седатив, но како што се разградува во текот на ноќта, предизвикува нарушен сон, забрзан пулс и поплиток одмор. Ова често води до рано утрински будења, чувство на исцрпеност, дневна поспаност или зголемена анксиозност.
Ефектите се најсилни кога алкохолот се консумира во рок од три часа пред спиење. Покрај намалувањето на REM фазата на спиење, се зголемува и бројот на епизоди на ‘рчење, а симптомите на апнеја при спиење може да се влошат.
Д-р Хејс советува да престанете да пиете алкохол до 19 или 20 часот навечер, во зависност од вашето вообичаено време за спиење.
,,Треба да му дадете на вашето тело доволно време да го метаболизира алкохолот пред да си легнете. Тоа е најдобриот начин да уживате во пијалок без да го жртвувате закрепнувањето“, нагласува тој, според „Експрес“.