Во интервју за Вечер.мк вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ зборува за тоа што затекнал во МОЗ, како се справил со предизвиците и состојбите, но и за плановите за годината пред нас. Вели, затекнал безредие, злоупотреба и ненаменско трошење на буџетските пари, а за да може да се почне со работа неопходно било во МОЗ да се направи целосна ревизија на претходното работење… И тоа не е сѐ. Во продолжение прочитајте за дел од криминалите и хаосот што претходникот на Стоилковиќ, Артан Груби ги оставил во МОЗ.
Ако направиме анализа на претходната година, логично би било првото прашање да биде што затекнавте во МОЗ, што направивте од стапувањето на функцијата, а што е она што допрва треба да се направи?
Стоилковиќ: Реализација на мојата основна цел како министер на МОЗ е целосна реорганизација на Министерството и негово ставање во функција на системот согласно надлежностите. Се залагам МОЗ да биде министерство во функција на сите етнички заедници кои живеат во РСМ согласно Уставот. Затекнавме безредие, злоупотреба и ненаменско трошење на буџетските пари, па затоа за да можам да почнам со работа беше неопходно во МОЗ да се направи целосна ревизија на претходното работење. За таа цел се обративме до Државниот завод за ревизија, но, за жал, добивме негативен одговор. Овде морам да истакнам дека многу е симптоматичен фактот што во МОЗ никогаш и немало ревизија на ДРЗ. Последната ревизија од страна на ДРЗ била направена во 2014 година, во тогашниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Но, ние не застанавме тука. Согласно законските одредби побаравме од Министерство за финансии да изврши ад хок ревизија во делот на финансиско-материјалното работење на Министерството. Согласно прелиминарниот извештај утврдени се низа неправилности во работењето. Извештајот ќе биде доставен до Владата, а потоа и до сите надлежни институции кои очекувам да постапат согласно законските прописи.
Во овој контекст сакам да истакнам дека во МОЗ никогаш не бил направен и попис на средства, иако согласно прописите истиот е задолжителен со поднесување на завршната годишна сметка на буџетот. Имајќи ја предвид оваа констатирана состојба направивме вонреден попис на основни средства, извори на средства, побарувања и обврски на Министерството. Јавноста треба да знае дека е констатиран недостаток на значителна сума на финансиски средства од благајната на МОЗ, за што се информирани сите надлежни институции и очекувам истите да постапат согласно законите, во најкус можен рок.
Овде сакам да потенцирам уште една многу битна работа, која јавноста треба да ја знае, а тоа е дека кога станав министер во МОЗ имаше вработени лица кои воопшто не доаѓале на работа, а притоа не биле опфатени со К5 програмата. Лично доставив препорачани писма до сите нив или да дојдат веднаш на работа или на истите ќе им биде прекинат работниот однос. Имаше неколку ситуации. Дел од овие лица живееле надвор од државата, при што веднаш им беше прекинат работниот однос. Друг дел ги користеа законските можности за одмор, боледување итн. Овде, морам да кажам, имаше индиции за злоупотреба на боледувањата, на пример, по неколку пати последователно исто лице со различни дијагнози користеше боледување. Во овие случаи се обративме до ФЗО, каде по констатираните состојби се постапи согласно законските одредби. На дел од лицата им престана работниот однос со отказ, а останатиот дел кога видоа дека сме сериозни во намерата сами си поднесоа барање за престанок на работниот однос.
Истовpемено од Државниот управен инспекторат побаравме да изврши редовна инспекција согласно нивните надлежностите, што ќе се реализира на почетокот на 2025 година. По завршување на инспекцијата јавноста ќе биде информирана за сите констатирани состојби и преземени мерки.
Во тек е и изготвување на нова систематизација на работните места во МОЗ. И овде имаме небулоза, согласно постојната ситстематизација има отворено работни места за 1700 лица, и тоа со образование кое несоодветствува со надлежностите на Министерството, на пример, работно место за доктор по општа медицина и др.
И уште ова сакам да го нагласам и тука ќе завршам бидејќи навистина има уште многу што да се зборува. Кога станав министер во МОЗ немаше ниту една процедура за работа, како работеле претходно самите можете да заклучите.
Прашина се крена и кога е во прашање веб-страницата на МОЗ и нејзиното функционирање, во неколку наврати најавивте дека истата ќе функционира на јазиците на сите етнички заедници, до каде е овој процес?
Стоилковиќ: Во однос на веб-страницата на МОЗ сакам да потенцирам дека имајќи ја предвид нашата определба ова Министерство да биде во функција на поддршка на сите етнички заедници, согласно неговите надлежностите направена е промена во делот на јазикот. Имено, кога ќе се пристапеше на страницата на тогашното МПСОЗ прво се појавуваше албанската верзија, што е спротивно дури и на Законот за употреба на јазиците, па потоа следуваше македонската. Во тек е комплетирањето на страницата на МОЗ на македонски, англиски и на јазиците на сите етнички заедници што живеат во РСМ согласно Уставот, односно на албански, српски, турски, ромски, босански и влашки јазик.
Реализацијата оди морам да кажам побавно од следнава причина – кога станав министер во МОЗ имаше активна јавна набавка за одржување на веб-страницата, но како и неколку други јавни набавки така и оваа беше фиктивна. Односно компанијата која го добила тендерот не беше достапна за соработка. Истовремено човечките капацитети во Министерството од аспект на стручност во оваа област се на многу ниско ниво.
Оваа промена подразбира изработка на сосема нова страница, ангажирање на преведувачи, технички лица од областа на ИТ итн. Сето ова успеавме да го изведеме волонтерски, имајќи ги предвид финансиските ограничувања. Во моментов страницата на МОЗ е активна на македонски и албански, а наскоро ќе биде пуштена и на турски јазик. Очекувам до крајот на месец јануари да заврши целиот процес, односно да биде достапна на јазиците на сите етнички заедници.
Најавивте целосна реорганизација на МОЗ, па што може да се очекува во оваа насока и што се случува по прашањето за административните службеници вработени преку К-5 програмата дали конечно ќе му дојде крајот на приципот „седи дома и земај плата“?
Стоилковиќ: Во контекст на целосна реорганизација на Министерството и негово ставање во функција на системот согласно надлежностите сакам да ве информирам дека за прв пат е донесен Стратешки план (2025-2027 г.), во кој прецизно ги дефиниравме нашите стратешките приоритети и цели. Морам да напоменам дека од самото формирање на ова Министерство, па до денес, немало ниту Стратешки план ниту Програма за работа на истото. Стратешките приоритети и цели на МОЗ се дефинирани согласно нашата определба за целосна имплементација на Рамковниот договор во однос на јакнењето на мултикултурната кохезија и промоција на мултикултурните вредности. Во оваа насока за периодот 2025-2027 година ќе се фокусираме на следните стратешки приоритетни области: унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците, гарантирање на културниот, етничкиот и јазичниот идентитет на заедниците, унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, целосно спроведување на принципот на соодветна и правична застапеност, како и интензивирање на соработката со граѓанскиот сектор. Во завршна фаза е и Програмата за работа на МОЗ за 2025 година, која всушност е поддршка на Програма на Владата на РСМ.
Истовремено, Министерството останува посветено на решавањето на прашањето со административните службеници вработени преку К-5 програмата, како и вработените преведувачи. Нема да коментирам за уставната издржаност и законитоста на овој процес, со тоа нека се занимаваат надлежните органи, но како сериозна Влада ги презедовме обврските за негова конечна реализација и ставање крај на принципот „седи дома и земај плата“ што верувам кај сите граѓани предизвикува голем револт. За решавање на ова прашање МОЗ подготви и достави информација до Владата на РС Македонија, која беше усвоена на 5 јули 2024 година, со заклучок дека постапките за преземање треба да се финализираат најдоцна до 31 декември 2024 година. Паралелно, Министерството се обрати до сите институции кои сè уште ја немаат финализирано постапката, со цел да се утврдат причините за застој и да се забрза динамиката на распоредување. Согласно динамиката, очекувам процесот да заврши за еден до два месеци.
Каква е Вашата визија околу тоа МОЗ да биде министерство на сите етнички заедници и како ќе постигнете правична застапеност?
Стоилковиќ: Во контекст на мојата цел МОЗ да биде министерство на сите етнички заедници кои живеат во РСМ, а имајќи го предвид Буџетот за 2025 година направена е измена во две клучни програми кои директно се однесуваат на етничките заедници.
Прво, програмата за одбележување на денот на албанската азбука е укината и се воведува нова програма за одбележување на националниот ден на сите етнички заедници во земјата согласно Уставот (на Албанците, секако, но и на Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите), а со цел почитување на сите заедници кои живеат во земјата согласно Уставот. Со Буџетот за 2025 година предвидени се 12 милиони денари, средства кои ќе придонесат за унапредување на меѓуетничките односи во земјата, јакнење на мултикултурната кохезија и промоција на мултикултурните вредности кои се приоритени цели на оваа Влада.
Второ, програмата за промоција на меѓуетничките односи останува во рамките на МОЗ, а таа, како што знаете, се однесува на финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во земјата. Планирани средства за соработка со граѓански здруженија и фондации во буџетот за 2025 година се 20 милиони денари. Она што сакаме како Министерство да го направиме во рамките на оваа програма е да воведеме правична застапеност на невладините организации од сите етнички заедници учесници во програмата по принципот на квалитет, со јасно дефинирани критериуми. Исто така, можам да констатирам дека досега мал број проекти имало за приоритетните области – „Успешно водење на пристапните преговори со ЕУ“, како и за „Владеење на правото, независност на правосудство, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата“, и во оваа насока ќе се дефинираат критериумите во Програмата за 2025 година. Во оваа насока мојата цел е Министерството да придонесе во јакнење на улогата на невладините организации во претпристапниот процес на земјата во ЕУ и во владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка транспарентност, што е во согласност со европските вредности.
Инаку, за ваше информирање финансирањето на Програмата во рамките на буџетот на МОЗ започнало од 2022 година. Со преземање на финансирањето на Програмата во тогашното МПСОЗ имаше негативни реакции од страна на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, но и од ЕУ, причината ја гледам во фактот дека со Програмата биле финансирани фиктивни проекти.
За Програмата за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации за 2023 година доделени биле финансиски средства на 33 граѓански организации во висина од 600.000,00 денари со буџет од 19.800.000,00 денари. Работна група во МОЗ подготви Извештај за користењето на распределените средства за 2023 година. Согласно Извештајот реализирани биле 1 8.574.747,00 денари и за истите има доставени докази за трошење. Од вкупно 33 здруженија, 16 наменски ги потрошиле финансиските средства. Во доставениот завршен извештај кај едно здружение недостасувале докази за трошење на средствата и реализирање на активностите, па поради ова истото треба во целост добиените средства да ги врати на Трезорската сметка на РС Македонија, односно сума во износ од 600.000,00 денари. Додека останатиот дел од здруженијата, односно 16, во приложениот материјал не доставиле докази за трошење на средства од одредени категории на ставки во вкупен износ од 625.253,00 денари и истите треба да бидат вратени на трезорска сметка на РС Македонија.
Овде морам да напоменам одредени недоследности, односно дека во текот на реализацијата на проектите од страна на МОЗ не бил вршен мониторинг, поради што работната група заради нејаснотии во документацијата и некомплетност на приложените завршни извештаи, од здруженијата морала да побара појаснувања и докомплетирање на доставените завршни извештаи со дополнителна документација како доказ за реализираните активности и извршените плаќања за нивна реализација. Истовремено, во договорите за обезбедување финансиска поддршка што биле потпишани со здруженијата не биле јасно допрецизирани обврските на корисникот во однос на добиените финансиски средства и начинот на реализација.
Имајќи го предвид горенаведеното, Министерството за односи меѓу заедниците ќе изработи нова Програма за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2025 година според критериуми што се усогласуваат со оние на ЕУ, ОБСЕ и со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, во насока на транспарентно и отчетно спроведување на проектите на невладиниот сектор финансирани од буџетски средства во висина од 20 милиони денари што се обезбедени за 2025 година од Буџетот на РСМ. Воедно, ќе бидат изработени договори со нови услови и критериуми, сè со цел да се надминат недостатоците и пропустите што се констатирани во текот на изготвувањето на Извештајот за 2023 година.
Она што е актуелно пред крајот на секоја календарска година е буџетот за следната, какви се плановите на МОЗ за оваа 2025 година во врска со она што ќе Ви биде на располагање?
Стоилковиќ: Во однос на Буџетот за 2025 година на МОЗ, сакам да напоменам дека во споредба со претходните буџети на Министерството скратени се повеќе од 20 милиони денари трошоци кои претходно биле користени за „коруптивни” цели. Ова значи дека повеќе нема да има ненаменско користење на буџетските средства, како трошоци за фиктивни јавни набавки, на пример, за угостителски услуги, за консултантски услуги или, пак, сомнителни договори на дело за лица кои никој не ги видел да дојдат на работа или, пак, исплата на додатоци за плата и на К-15 на лица кои не одат на работа итн…
НЕМА ВЕЌЕ К-15 ЗА ЛИЦАТА КОИ СЕДЕЛЕ ДОМА
Го споменавте К-15, а досега во неколку наврати изјавивте дека регрес за годишен одмор земале и лица кои не доаѓале на работа, дали ќе има некаква промена и по однос на ова прашање?
Стоилковиќ: Во однос на К-15 сакам да напоменам дека минатата година од буџетот на МОЗ биле исплатени околу 4 милиони денари за К-15, а оваа година ќе бидат исплатени околу 900 000 денари. Тоа е заштеда од повеќе од 3 милиони денари во Буџетот на РМ. Она што сметам дека јавноста треба да го знае е фактот дека К-15 добивале лица кои седеле дома. Односно овие лица покрај плата земале и регрес за годишен одмор.
Балансерот е една од темите за која се зборуваше доста, како Вие како прв човек на министерство во чија надлежност се етничките заедници се справувате со овој предизвик и одлуката за укинување на одредбите за „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници?
Стоилковиќ: Пред да го кажам моето мислење во врска со Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредбите за „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници сакам да ја информирам јавноста дека податоците во самото Министерство покажуваат дека има злоупотреба на балансерот. Имено, од вкупниот број на вработени лица во МОЗ околу 95 % се Албанци, а само 5 % се припадници на сите останати етнички заедници. Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредбите за „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници создаде нови предизвици во процесот на обезбедување соодветна и правична застапеност. МОЗ е цврсто посветено на надминување на овие предизвици и на создавање модерна, инклузивна и ефикасна јавна администрација, која ќе ги одразува вредностите на праведност и професионализам. Потребно е ново законско решение кое ќе го регулира принципот на правична застапеност на начин кој ќе биде во согласност со уставните одлуки, но и со реалните потреби на администрацијата. Во оваа насока се подготвува правна рамка што ќе обезбеди балансиран пристап, од една страна, почитување на принципот на правична застапеност како основа за инклузивност и еднакви можности во јавниот сектор, а, од друга страна, гарантирање на стручност, компетентност и квалитет при вработувањето. Ова е од клучно значење за градењето на професионална администрација која ќе биде двигател на општествениот развој и поддржувач на реформските процеси.
Со оглед на тоа дека Министерството е надлежно за следење и спроведување на начелото на соодветна и правична застапеност преземаме конкретни активности за адресирање на предизвиците кои произлегоа од оваа одлука. Во оваа насока Министерството веќе започна консултации со сите релевантни чинители со цел да се изнајде трајно и одржливо решение кое ќе ги надмине идентификуваните слабости и ќе го зајакне интегритетот на јавната администрација. Работиме на решенија кои ќе бидат правно одржливи, инклузивни и фокусирани на развој, создавајќи долгорочен баланс помеѓу правичната застапеност и квалитетот на јавната администрација. Ова е од исклучително значење за напредокот на земјата и успешната имплементација на сите реформски процеси.
Би сакала да отвориме уште едно актуелно прашање околу кое периодов се кршат копја, а се однесува на Вашиот став во однос на Законот за употреба на јазиците?
Стоилковиќ: Во однос на Законот за употреба на јазиците, како што можете да видите досега немам дадено изјава во однос на ова прашање, па нема ниту сега да коментирам ништо, сметам дека треба да го оставиме Уставниот суд да работи без политички притисоци.
Како го коментирате отпочнувањето на кривичната постапка за гонење на поранешниот вицепремиер Артан Груби?
Стоилковиќ: Постапката за Груби е потврда дека оваа Влада е сериозна во намерата целосно да се справи со криминалот и корупцијата, и сметам дека доколку, како што вели тој, е „чист како солза“ ќе се соочи со органите на прогонот. Но да оставиме надлежните институции да си ја завршат работата.
И за крај, какви се Вашите планови за работа како вицепремиер во Владата?
Стоилковиќ: Очекувам со сите овие активности што ги презедовме МОЗ целосно да го ставиме во функција. Можеби во оваа 2025 ќе ни треба доекипирање со кадар во одредени сектори за да може Министерството да функционира беспрекорно, а потоа ќе се посветам на работата како вицепремиер, односно како што и беше договорено со премиерот, да се посветам на регионалната соработка. Во оваа насока во 2025, како што разговаравме и со нашиот и со премиерот на Србија, фокусот ќе биде на тоа како нашите компании ќе можат да се вклучат во работата на ЕКСПО 2027. Исто така, планираме заедничка седница меѓу Владите на Р Србија и РС Македонија, по што ќе следува и заедничка средба на стопанските комори. Во тек се и преговори за две нови инвестиции од Србија во Македонија. Истовремено веќе работиме и на продлабочување на економската соработка со Република Туркије како наш значаен партнер.