Алармантен пораст на случаите на пневмонија кај децата е откриен во Холандија, како одраз на сличен пораст во Кина, пишува Daily Mail.
Холандските здравствени експерти велат дека најчесто станува збор за луѓе на возраст од пет до 14 години. Бројките покажуваат дека стапките на болеста, која може да биде опасна по живот, сега е речиси двојно поголема од врвот забележан минатата година.
Веста доаѓа додека Кина се бори со сопствениот „мистериозен“ пораст на случаи на пневмонија, при што медиумските извештаи велат дека болниците се „претрупани со болни деца“.
Снимките кои потсетуваат на сцените од најтемните денови на Ковид покажуваат здравствени работници во заштитни одела, ракавици и маски како прскаат средства за дезинфекција во училиштата, ходниците и на отворени простори.
Официјални лица во Пекинг велат дека виновникот за ваквата состојба не е некој нов вирус, туку тврдат дека зголемувањето е резултат на бранот сезонски болести кој е посилен од вообичаеното, бидејќи земјата ја чека првата зима без ограничувања за коронавирусот.
Но, здравствените работници во Обединетото Кралство велат дека ќе чекаат конечен заклучок за тоа што предизвикува толку многу болести.
Холандскиот институт за истражување на здравствени услуги (НИВЕЛ) соопшти дека од август е забележан зголемен број на пациенти со пневмонија кои го посетуваат својот општ лекар.
Пневмонијата обично е предизвикана од бактериска или вирусна инфекција, а заздравувањето обично се случува во рок од две недели. Главните симптоми се кашлица, отежнато дишење и треска.
Сепак, некои луѓе можат многу да се разболат, особено оние над 65 години, бебиња или мали деца и оние со белодробни заболувања.
Податоците на NIVEL покажуваат дека во неделата што завршува на 16 ноември, на 103 од 100.000 деца на возраст од пет до 14 години им била дијагностицирана пневмонија. На својот врв минатата година, имаше само 58 случаи на 100.000. Податоците од клиниките за општа пракса покажуваат и дека повеќе пациенти на возраст од 15 до 24 години имаат пневмонија од вообичаено.
Случаите се зголемуваат и кај децата на возраст под четири години, иако стапките на заболување се сè уште пониски отколку пред пандемијата. Сепак, инфекциите се намалуваат кај помладите од 65 години. НИВЕЛ не понуди објаснување за наглото зголемување на случаите. Сепак, Холандија во моментов се соочува со зголемување на случаите на грип, ковид и РСВ, а сите три вируси можат да предизвикаат пневмонија.