НЕРЕАЛЕН СЛУЧАЈ – Дете (12 г.) поминало 25 години во затвор чекајќи смртна казна поради банална грешка: “Ги изгубив најубавите години од животот…“

Пред 25 години, тинејџер во Индија неправедно бил осуден на доживотен затвор за убиство. Во март оваа година, Врховниот суд го ослободи од вина човекот, откако потврди дека во моментот на инцидентот бил малолетник, објавува BBC.

Помина нешто повеќе од една недела откако Ниранарам Четанрам Чаудари е ослободен од затвор во западниот индиски град Нагпур. Поголемиот дел од животот овој човек го поминал во затвор, шетајќи напред-назад во ќелијата, читајќи книги, полагајќи испити и обидувајќи се да докаже дека е прогласен за виновен и осуден пред да наполни 18 години.

Ниранарам бил осуден на доживотен затвор за убиство на седум лица – пет жени и две деца – во 1994 година во градот Пуна. Уапсен е со двајца мажи од неговото село, а му се суди под претпоставка дека имал 20 години. Во март, неговото искушение конечно заврши бидејќи, по многубројните сослушувања, жалби, молби, тестови за возраст и барање извод од матичната книга на родените, судот заклучи дека Ниранарам имал само 12 и пол години во времето на злосторството.

Според индискиот закон, малолетникот не може да биде осуден на доживотен затвор, а максималната казна за сите кривични дела е три години. Од не сосема јасни причини, полицијата забележала неточна возраст и име кога момчето било уапсено пред 25 години. Името дадено во писмото било Нарајан, а никој не знаел кога прв пат биле забележани неточните податоци за возраста.

Грешката за датумот на раѓање и тврдењата од адвокатите не биле изнесени пред судот до доцната фаза на случајот во 2018 година. Отсуството на изводи од матичната книга на родените покажува дека многу Индијци, особено оние во руралните области, не си ги знаат датумите на раѓање, а ова било токму случај и со Ниранарам.

Тој бил спасен со упис во матичната книга на селското училиште од кој се гледа дека датумот на раѓање е 1. февруари 1982 година. По излегувањето од затвор, Ниранарам се вратил да живее во Раџастан со своето семејство.

Целиот систем пропадна. Обвинителите, бранителите, судовите, истражителите. Едноставно не успеавме да добиеме информации за тоа колку години имал во моментот на инцидентот“, изјавил Шреја Растоги од програмата за кривична правда на Универзитетот во Делхи.

Државата не платила никаков надомест за направената грешка. Седум членови на семејството биле избодени до смрт во обид за грабеж во нивната куќа во Пуна на 26. август 1994 година. Еден од обвинетите му помогнал на обвинителството и бил ослободен, додека Ниранарам и сообвинетиот биле осудени на доживотен затвор.

Ги изгубив најубавите години од мојот живот поради едноставна грешка“, изјавил човекот по излегувањето од затвор.

На новинарот на BBC тој му открил дека избегал од дома откако завршил трето одделение, не можел да се сети зошто и со кого побегнал, но се сеќава дека завршил во Пуна каде што работел во фабрика. Ниту неговите браќа денес не можат да се сетат зошто тој тогаш заминал од дома.

Не се сеќавам на злосторството, немам поим зошто ме собра полицијата. Се сеќавам само дека ме претепаа по апсењето. Прашав зошто ме тепаат, ми одговорија нешто на јазик што не го разбирам“, вели Ниранарам.

затворИндија