Дете загина, а шест лица се тешко повредени во сообраќајна несреќа во која учествувале четири возила денеска околу три часот на јадранската магистрала кај дубровничката населба Орашац, извести дубровничко-неретванската полиција.
Полицијата соопшти дека до несреќата дошло кога 33-годишен државјанин на Албанија, управувајќи возило со италијански национални ознаки во правец на Дубровник, преминал на спротивната коловозна лента и удрил во возило со германски ознаки управувано од спротивна насока од 20-годишен државјанин на Германија.
„Потоа во неконтролирано движење удрил во лично возило со словенечки национални ознаки кое се движело зад возило со германски ознаки и кое било управувано од 50-годишен државјанин на Косово. По ударот возилото со германски државјанин ознаки удриле во друго возило, исто така со германски ознаки, кое се движело на спротивната лента кон Дубровник, управувано од 29-годишен државјанин на Косово“, соопшти полицијата, пренесува Хина.
На лице место загина малолетно дете од автомобилот кој ја предизвикал несреќата, а со тешки телесни повреди се здобиле тројца сопатници од истото возило, сите државјани на Албанија.
Со тешки телесни повреди се здобиле и возачот на возилото со словенечки национални ознаки и двајцата сопатници кои биле во возилото со него, од кои едното малолетно дете, сите државјани на Косово.
Телото на починатото малолетно дете е пренесено на Одделот за патологија на дубровничката болница каде ќе се утврдува точната причина за смртта, а повредените се пренесени во дубровничката болница каде се задржани на понатамошно лекување. Возачите на сите четири автомобили кои учествувале во несреќата биле негативни на алкотестирање, велат од полицијата.
Во текот на истрагата сообраќајот на тој дел од Јадранска магистрала бил затворен, а во 06:40 часот е целосно нормализиран.