Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека „ненадминливиот сојуз и партнерството со Соединетите Американски Држави го менуваат Блискиот Исток и целиот свет“, зборувајќи на заедничка прес-конференција со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, кој е во официјална посета на Израел.
„Ова партнерство отвора можности не само за безбедност, туку и за ширење на мирот, на што работиме многу напорно“, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер му изрази благодарност на Венс за, како што изјави, „јасниот став, длабокото разбирање на ситуацијата, поддршката за заедничките цели и искреното пријателство“, што, вели тој, го забележал за време на официјалните и приватните средби.
Американскиот потпретседател рече дека „ова се судбоносни денови“ и дека Вашингтон учествува со голем ентузијазам во разговорите за мировниот план за Газа.
„Имаме исклучително тешка задача пред нас – разоружување на Хамас, обнова на Газа и подобрување на условите за живот на нејзиниот народ, но исто така и обезбедување дека Хамас никогаш повеќе нема да биде закана за нашите пријатели во Израел“, рече Венс.
Тој изјави дека претходниот ден се одржале многу конструктивни разговори со израелски и арапски претставници, „кои се подготвени да играат позитивна улога во процесот“.
„Она што го правиме тука може да стане преседан, модел за мировни договори низ целиот свет“, рече Венс.
Нетанјаху нагласи дека работат на „целосно нова визија“ за Газа и дека се разгледани опции за тоа кој ќе управува со областа и ќе ја обезбедува безбедноста.
„Постојат неколку многу добри идеи. Ќе биде тешко, но мислам дека е остварливо“, рече Нетанјаху.
Кога беше прашан за можното присуство на Туркије во Газа, тој одговори дека „Израел очигледно ќе мора да донесе заедничка одлука за тоа кој ќе има улога во регионот“ и додаде дека има „многу цврст став“ за ова прашање.
Ванс заклучи дека „инфраструктурата на мирот се гради таму каде што ја немаше пред само осум дена“ и дека тие имаат „историска можност да создадат нешто што не е видено досега“.