Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху изјави дека на денешната средба во Ерусалим со американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакнал дека ќе продолжи војната против Хамас. Средбата Нетанјаху – Блинкен се одржа неколку часа откако Хамас презеде одговорност за денешниот напад во Ерусалим, при што загинаа тројца Израелци.
– Ова е истиот Хамас. Тоа е истиот Хамас што го изврши ужасниот масакр на 7 октомври, истиот Хамас што се обидува да не убие насекаде, му рекол Нетанјаху на Блинкен.
Нетанјаху наведува дека на Блинкен му кажал и дека Израел и тој се заколнале оти ќе го уништат Хамас.
– Ништо нема да не спречи … Војната во Газа ќе продолжи сè додека Израел не ги ослободи сите свои заложници, не го победи Хамас и не гарантира дека никогаш повеќе нема да има слична закана од Газа, истакна Нетанјаху.
Блинкен, како што соопшти Стејт департментот, упати апел Израел да ги преземе сите мерки за заштита на цивилите во јужниот дел на Појасот Газа.
Блинкен го истакна императивот да се земат предвид потребите за хуманитарна и цивилна заштита во јужниот дел на Газа пред какви било воени операции таму, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.