Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделник изјави за „Еј-Би-Си њуз“ дека таргетирањето на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи ќе го заврши, а не ќе го ескалира, тековниот конфликт меѓу Израел и Иран.
На прашањето за отфрлањето на израелскиот план за атентат врз врховниот лидер на Иран од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, загрижен дека тоа ќе го ескалира конфликтот, Нетанјаху одговори: „Тоа нема да го ескалира конфликтот, туку ќе го заврши“.
„Имаме половина век конфликт кој го шири овој режим кој ги тероризира сите на Блискиот Исток; ги бомбардираше нафтените полиња „Арамко“ во Саудиска Арабија; шири тероризам, субверзија и саботажа насекаде. „Засекогаш војна“ е она што Иран го сака, а тие нè доведуваат до работ на нуклеарна војна. Всушност, она што го прави Израел е спречување на ова, ставање крај на оваа агресија, а ние можеме да го направиме тоа само ако се спротивставиме на силите на злото“, рече Нетанјаху.
На прашањето дали Израел навистина ќе го нападне врховниот лидер, Нетанјаху рече дека Израел „прави она што треба да го направи“.
„Нема да навлегувам во детали, но ние ги таргетиравме нивните врвни нуклеарни научници“, рече Нетанјаху, додавајќи дека тоа бил „во основа нуклеарниот тим на Хитлер“.
Нетанјаху рече дека е во интерес на Америка да го поддржи Израел во неговите напори да ја елиминира нуклеарната програма на Иран.
„Денес е Тел Авив. Утре е Њујорк“, рече тој.